TheNorthmacedoniaTime

Партиите да се воздржат од реторика со која ја нарушуваат самостојноста на обвинителите во одлучувањето

2026-02-25 - 10:17

Здружението на јавните обвинители апелира до сите политички партии и функционери да го почитуваат и да не го загрозуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од јавна реторика со која ја нарушуваат самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето, се вели во реакција исппратена оттаму, до медиумите. „Во изминатите денови сведоци сме на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи ги јавнообвинителските одлуки без воопшто да бидат запознаени со конкретен предмет и доказите. Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија”. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат„, наведено е во реакцијата. Здружението на јавните обвинители, како што велат оттаму, е професионална организација, која нема овластувања да интервенира или да ги коментира одлуките на јавните обвинители при работата на конкретни предмети. „Но, Здружението има право и обврска да ја заштити самостојноста на обвинителите кои стручно и одговорно ја вршат својата функција и да се бори за соодветни услови во кои тие ќе работат непречено“, се додава во реакцијата.

Share this post: