TheNorthmacedoniaTime

Тоталитаризмот, фала на прашањето, е жив и жилав

2026-03-17 - 09:47

Во документарецот „Орвел: 2+2=5“ гледаме дефиле на ликови од Хилтер и Сталин до Владимир Путин, Виктор Орбан и други познати автократи од сите краишта на светот, кои редовно му вдахнуваат промени на минатото, а на објективната вистина – сомнеж, одржувајќи го тоталитаризмот жив и пожилав од кога било. Тоталитаризмот не функционира само во форма на една единствена голема идеја за контрола на животите на луѓето, туку како „неверување во самото постоење на објективната вистина“, пишува „Вистиномер“ Во продолжение, ви го пренесуваме текстот во целост: Кој би рекол дека Џорџ Орвел е сè уште наш современик, дури и по 80-тина години од неговите книжевни дела кои му го прикажаа тоталитаризмот на човештвото во неговата најпластично можна варијанта, за сите да го разберат? Но, ако се обѕрнеме наоколу низ светските меридијани, не може а да не забележиме дека многу од лидерите и нивните епигони кои го креираат општествениот поредок не биле присутни кога се „обработувала“ оваа политичка лектира. Или, пак, станува збор за идеолошки добро потковани личности кои се водат според обратниот мотив: како да се убеди светот дека два плус два се пет? „Орвел: 2+2=5“ е сигнификативниот наслов на документарниот филм на Раул Пек, режисер и продуцент родум од Хаити, кој пред триесеттина години бил и министер за култура и комуникации во родната земја. „Орвел: 2+2=5“ и неколку други филмови, за кои ќе стане збор во овој текст, се дел од тематски одбраните наслови кои го третираат тоталитаризмот, а кои ги видовме на 28. Интернационален фестивал на документарен филм во Солун (5-15 март 2026). Тоталитаризмот бара континуирано менување на минатото и неверување во самото постоење на објективната вистина. Фото: Интернационален фестивал на документарен филм во Солун (TIDF) Вака гласи мотото на филмот на Пек, како есенцијална посвета на делото на Ерик Артур Блер, попознат под псевдонимот Џорџ Орвел. Пек во „Орвел: 2+2=5“ како нарација исклучиво користи само мисли од делата на Орвел кои го деконструираат тоталитаризмот како идеологија и општествен систем – меѓу кои најпознати се „Животинска фарма“ и „1984“ – визуелно надградени со инсерти од неколкуте екранизации на романот „1984“, како и архивски и актуелни видеоснимки од луѓе и настани кои „придонеле“ за жилавоста на оваа идеја. Но, „Орвел: 2+2=5“ истовремено е и детален портрет на животот и делото на Блер (Орвел), со сите негови креативни и идеолошки искушенија, па филмот на Пек се гледа како богат мозаик не само на една личност, туку на цела ера од средината на 20. век, преполна со воено-политички турбуленции. „Во време на измама, кажувањето на вистината е револуционерен чин“, гласи една од пророчките сентенции на Орвел, кои не само што ги сведочиме, туку и ги живееме, сакале или не. Всушност, тоа е и појдовната идеја на режисерот Пек, бидејќи светот – поточно неговата демократска страна – погрешно сметал дека дистопиското пророштво на Орвел се изгубило во транзицијата на Западот кон мета-идеолошки свет на намален авторитет. Тој нов современ свет, слободен и без забрани, во филмот на Пек е многу поорвеловски устроен, со нови и нови политички протагонисти кои како да го сфатиле апокрифното тројство на Орвел од „1948“ – „Војната е мир. Слободата е ропство. Незнаењето е сила“ – во буквална смисла. Во прилог им оди и развојот на техонологијата на комуникациите, во кој, како што предвидуваше Орвел, „политичкиот јазик е осмислен така што прави лагите да звучат вистинито...“. Во тој свет важи правилото: „ако мислата може да го расипе јазикот, и јазикот може да ја расипе мислата“. И кога ќе се спојат технологијата и амбицијата, тогаш само небото е лимит за креирањето на дезинформации во корист на тоталитарните системи, кои подоцна се шират како штетно странско влијание, за што поинтензивно сведочиме последниве децении. Сите лица на тоталитаризмот Затоа, не случајно, во „Орвел: 2+2=5“ гледаме дефиле на ликови од Хилтер и Сталин до Владимир Путин, Виктор Орбан и други познати автократи од сите краишта на светот, кои редовно му вдахнуваат промени на минатото, а на објективната вистина – сомнеж, одржувајќи го тоталитаризмот жив и пожилав од кога било. Тоа е нешто слично како и во случајот со сите лица на фашизмот, кој Орвел го запознал и во реален, физички контакт, а не само низ интелектуална форма, како припадник на Интернационалните бригади кои се бореле на страната на Републиканската армија во Шпанската граѓанска војна (1936-1939), каде што бил тешко ранет. Претходно, Орвел служел како полицаец во британската колонијална армија во Бурма (денешен Мјанмар), што е уште едно камче во неговиот мозаичен поглед на автократските режими од сите провиниенции. На сите лица на фашизмот нè потсетуваше и италијанскиот историчар, филозоф, писател и теоретичар на комуникациите Умберто Еко во неговиот есеј „Вечниот фашизам: Четиринаесет начини на гледање на црна кошула“ (Ur-Fascism). Неговиот став дека „Слободата и ослободувањето се бесконечна задача“ е комплементарен за тоталитаризмот, бидејќи „фашизмот е форма на авторитаризам, но не сите авторитарни лидери се фашисти“. ...Фашизмот може да се игра на различни начини, името на играта да не се менува... Терминот „фашизам“ е соодветен за сите ситуации бидејќи е можно да се отстранат еден или повеќе аспекти од фашистичкиот режим и сепак да се остане фашистички. Извадете го империјализмот од фашизмот и ќе ги добиете Франко и Салазар; тргнете го колонијализмот од него и ќе добиете балкански фашизам, пишува Еко. Ако во неговата анализа го замениме фашизмот со тоталитаризмот, повторно ја добиваме Орвеловата равенка на заробениот свет: 2+2=5. Кога Светото тројство е најмалку свето Меѓутоа, тоталитаризмот не функционира само во форма на една единствена голема идеја за контрола на животите на луѓето, туку како „неверување во самото постоење на објективната вистина“. Филмот „Калуѓерки наспроти Ватикан“ („Nuns vs. The Vatican“) на италијанската авторка Лорена Лучијано се занимава токму со вербата и вистината, но овојпат симнати од пиедесталот на религијата во судски процес. Филмот на Лучијано ја разоткрива сексуалната злоупотреба во Католичката црква, поточно ја прикажува тревожната борба за вистината на неколку калуѓерки кои биле сексуално злоставувани од мажи кои биле нивни надредени. Најеклатантен случај е сексуалната злоупотреба од страна на теологот и уметник Марко Рупник родум од Словенија, припадник на Језуитскиот ред на Игнасио де Лојола и миленик на високите кругови во Ватикан, нарекуван и „Микеланџело на модерната католичка црква“ заради неговите мозаици што ги реализирал во црквите. Злоупотребувајќи ја покорноста на калуѓерките, тој ги присилувал на сексуални чинови уверувајќи дека на тој начин им ја спасува душата! Некои чинови имале дури и перверзни димензии кои се неверојатни и за атеистички настроени личности: Рупник на калуѓерките им предлагал и секс во тројка – со можност да бираат дали сакаат со двајца мажи или да бидат две жени и еден маж – со бизарното убедување дека на тој начин ќе го слават Светото тројство. Институциите на Католичката црква, како што може да се претпостави за еден ултраавторитарен систем, ја одрекуваат можноста на злоставуваните калуѓерки да ја кажат вистината, па откако Папата Франциск – инаку, прв Језуит на чело на Ватикан – ќе соопшти дека црквата мора да се соочи со педофилијата и сексуалното злоставување во нејзините редови, Рупник во 2022 г. ќе биде екскомунициран. Но, одрекувањето на објективната вистина во доминантно машката институција не запира, па и покрај прекинатиот децениски молк на оваа табу-тема за сексуална злоупотреба, екскомуникацијата на Рупник е делумно формална, бидејќи свештеникот и натаму е „тивко“ присутен во одредени црковни кругови. Сам против тоталитарниот систем Тоталитаризмот вирее и во фрагментарни форми, облечен во ново конспиративно руво. Во документарниот филм „Околу рајот“ („Around Paradise“) во германска продукција на руската авторка Јулија Локшина сведочиме како двајца студенти истражуваат зошто една група Европејци решила да се досели во дивите предели на Парагвај. Тие се главно од Германија, со афинитети кон теориите на заговор и екстремната десница. Нивната намера е да создадат своевиден затворен свет – а секое затворено општество по дефиниција е тоталитарно – налик на „политички“ рај според нивната проекција, во кој ќе нема луѓе од друга раса освен нивната бела раса. Затоа и решиле да се преселат од Европа, која ја сметаат за „загадена“ по мигрантските бранови од средината на минатата деценија. Иако не е директно споменато, Парагвај како дестинација на ескапизмот на овие ексцентрични Европејци алудира на носталгијата по оној Парагвај на диктаторот Алфредо Стреснер, кој речиси половина век владеел со земјата, пружајќи им сигурно засолниште на пребегнатите германски нацисти по поразот во Втората светска војна. Иако „проектот“ на новите доселеници изгледа како симпатична модерна утопија која ги обединува модерните колонисти и дигиталните номади, авторката сугерира дека сепак треба да се имаат предвид нивните екстремни политички ставови. Што може и дали може поединецот против тоталитарните режими? На минатото издание на Фестивалот на документарен филм во Солун еден од позабележителните наслови беше „Господинот Никој против Путин“ („Mr. Nobody Against Putin“) на Давид Боренстејн и Павел Таланкин. Сторијата за Павел „Паша“ Таланкин, наставник и организатор на настани во мало основно училиште во руски град со население од 10.000 жители, годинава е номиниран за „Оскар“ во категоријата најдобар документарен филм, па во таа чест Солунскиот фестивал на 15 март ќе биде затворен со овој филм и пренос од доделувањето на „Оскарите“. Таланкин по воената инвазија на Русија врз на Украина во 2022 година започна да ги документира разорните ефекти од агресивната милитаризација на руските училишта. Руските власти воведуваат нова патриотска образовна политика, а Таланкин ѝ се спротивставува, документирајќи го процесот како војната го трансформира неговото училиште. Наставникот снима стотици часови видеоснимки во училниците и на училишниот двор, креирајќи приказна за институција која нагло се трансформира преку пропагандата, репресијата и милитаризацијата на детските организации, но и регрутацијата на дипломирани студенти за борба во Украина. Затоа бега од Русија, но документот за едно злодоба останува. Еден од програмските фокуси на годинешното издание на Солунскиот фестивал на документарни филмови е значењето на архивите во колективната (и културна) меморија. Поединецот можеби нема да го сруши тоталитаризмот, но како во случајот со Таланкин, може да го исмее неговиот лажен патриотски набој. Доволно за почеток на крајот? Пишува: Стојан Синадинов

Share this post: