ТикТок под истрага на ЕУ поради „зависнички“ дизајн
2026-02-09 - 09:48
Социјалната мрежа ТикТок може да е принудена да направи промени со цел да биде помалку зависна за корисниците откако Европската унија посочи дека има шанси платформата да ги прекршила правилата за дигитална безбедност. Извршното тело на ЕУ соопшти во прелиминарна одлука дека популарната апликација има шанси да го прекршува Законот за дигитални услуги со својот „зависнички дизајн“, објави Гардијан. Европската комисија наведе дека апликацијата, која има повеќе од милијарда корисници ширум светот, не направила соодветна проценка за тоа како алгоритмот може да му наштети на физичкото и менталното здравје на корисниците, вклучително и на децата и ранливите возрасни лица. Комисијата тврди дека со постојано „наградување“ на корисниците со нова содржина, платформата поттикнувала континуирано скролање и ги доведувала корисниците во „автопилот режим“, додавајќи дека тоа може да доведе до компулсивно однесување и да ја намали самоконтролата. Комисијата соопшти дека разгледува опција да наложи измени во дизајнот на апликацијата, вклучително и промени во алгоритамот што им препорачува содржини на корисниците. Комисијата додаде дека безбедносниот систем на ТикТок е слаб посочувајќи дека алатките за управување со времето пред екран и родителските контроли не прават доволно за да ги намалат ризиците создадени од зависничкиот дизајн. Функциите за ограничување на времето биле прелесни за игнорирање, а родителските контроли одземаат премногу време за поставување, се додава во одлуката. Комисијата нагласи дека станува збор за прелиминарна оценка која не го предодредува исходот од истрагата и дека ТикТок ќе има можност да ги оспори наодите. Од ТикТок ги отфрлија наодите на Комисијата. „Прелиминарните заклучоци на Комисијата претставуваат целосно неточна и неоснована слика за нашата платформа и ќе ги преземеме сите неопходни чекори за да ги оспориме“, изјави портпарол на компанијата.