TheNorthmacedoniaTime

Дигитални измами: Од бесплатни пакети со производи до празни новчаници

2026-03-29 - 08:44

Без разлика дали се работи за „Зара“, „Европа“, „Сетек“, „Спорт Вижн“ или „Норт Фејс“, „Барила“, „Манго“, „Тему“, „ДМ“, играта е иста. Пакетите што се нудат немаат никаква врска со брендовите, ниту пак, ќе добиете каква било кутија со производи. Ваквите измами имаат една цел: да ги украдат вашите лични и банкарски податоци и да ви земат парични средства Пишува: Матеј Тројачанец Во изминатите неколку години, дигиталните измами станаа сè почести и речиси сеприсутни на социјалните мрежи. Тимот на Вистиномер не само што има рецензирано огромен број на измами што се наоѓаат на платформите на Мета, односно Фејсбук, Инстаграм и Тредс, туку во повеќе наврати има пишувано за тоа како се развиваат, шират и како да се препознаат разните видови на дигитални измами на овие платформи. Во овој напис детално ќе ги разгледаме различните техники и начини што се користат на интернетот, и особено, на социјалните медиуми, за да се „олеснат“ паричниците на граѓаните на С. Македонија. Најчесто измамите нудат фантастични попусти, производи и „фармаколошки“ препарати како наводно решение за разни здравствени состојби и проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Треба да се напомене дека иако мноштвото од измамите што Вистиномер ги има рецензирано се направени на социјалната мрежа Фејсбук, тоа не значи дека не постојат и други начини да се стаса до потенцијалните жртви. Пример за ова се измамите со лажните ПОЦ казни, со СМС пораките од Нетфликс, потоа преку интернет огласникот Пазар3 и слично. Но, поради тоа што измамите на Фејсбук се најбројни, фокусот ќе биде на нив. „Бесплатни“ пакети со производи за сите! Меѓу најраспространетите измами се оние во коишто се нуди некаков пакет на производи, бесплатно или за некоја симболична сума. Oвој вид на измама најчесто започнува со тоа што се пушта „мамка“ преку два типа на комуникациски канали. Првиот тип е корисничка сметка (или профил) на навидум вистинска личност каде може да се видат вистински фотографии и „нормални“ објави на сметката пред и/или по измамничката објавата. Не секогаш е јасно дали станува збор за „пробиена“ или колоквијално кажано „хакирана“ корисничка сметка на некој вистински корисник или фотографиите се преземени од некаде и создадена е сметка за да делува како автентична. Фото: Скриншот од измамничка објава поврзана со Кам маркет И, вториот тип се најчесто фалсификувани Фејсбук страници на познати брендови како „Зара“, „Европа“, „Сетек“, „Спорт Вижн“ и „Норт Фејс“, „Барила“, „Манго“, „Тему“, „ДМ“ и други. Поточно, најчесто името на компанијата или брендот што се фалсификува е многу блиску до вистинското, но се разликува по фонтот – дали буквите се накривени или здебелени, зборовите споени со цртичка, имаат печатна грешка – мала буква наместо голема, или „г“ наместо „ѓ“ и слично (видете повеќе тука). Без разлика дали станува збор за пробиен кориснички профил или за фалсификувана страница која се претставува како да е автентична страница на бренд или продавница, ова е првата фаза од целата „операција“. Следниот чекор е пуштање на мамката преку која се ловат корисниците. Во самите објави секогаш има текст каде се раскажува како по некој таен пат измамниците стигнале до информацијата за некакви пакети, за попусти или за производите што се нудат, па ги споделуваат со обичниот народ: Малкумина знаат за ова, но ако имате повеќе од 40 години, моментално можете да добиете голем пакет со намирници за само 615 денари. Мене ми кажа касиерката во продавница. Ми рече дека акцијата важи до 28 февруари на целата територија на Македонија, фрагмент од измамата со пакети на „КАМ“. * * * Мојот сопруг работеше како менаџер во Сетек 7 години. Кога се породив му требаше да земе недела одмор, го отпуштија без никакво објаснување... Веќе по една недела, на неговото место работеше сестрата на директорот. Сега споделуваме нешто што Сетек го крие. По големи испораки, кај нив остануваат вишоци од iPhone 15 Pro Max телефони со оштетена амбалажа. Има многу повеќе такви отколку што мислите. Тие не одат во продажба, туку се ставаат на тајна страница и се доделуваат преку внатрешна програма. Но по специјална врска, може да учествува секој!!!, фрагмент од измамата со пакети на „Сетек“. * * * Совет од мојата сестра, која работи во Evropa: Малкумина знаат, но можете да добиете подарочен пакет чоколадо Evropa ако пополните кратка анкета. Ова е по повод 150-годишнината на компанијата! Јас самата учествував во анкетата и добив голема кутија со различни видови чоколадо. Не знам колку долго ќе трае акцијата, но ќе оставам линк до анкетата во коментарите, фрагмент од измамата со пакети на „Европа“. Од примерите може да се види дека некои елементи се повторуваат. На пример, првото е дека се работи за некаква тајна, нешто што не го знаат многу лица при што се користат фрази од типот „малкумина го знаат ова“ или „споделуваме нешто што ‘Сетек’ го крие“, и нели по некаква „среќа“ корисниците ги дознаваат овие информации. Она што ја прави мамката поефикасна е т.н. „временски притисок“. Односно, кога на потенцијалните жртви на измамата ќе им се прикаже дека ваквата понуда трае кратко, на пример, „не знам колку долго ќе трае акцијата“ или „акцијата важи до тогаш и тогаш...“ или „ акцијата трае само шест дена“, па тие не сакајќи да ја пропуштат можноста да го добијат пакетот не обрнуваат внимание на некои од знаците што би им покажале дека станува збор за измама. Овој ефект е истражен во науката каде се опишува дека временскиот притисок ја зголемува брзината, но ја намалува точноста или прецизноста при извршувањето на задачи. И, откако успешно ќе се „уловат“ жртвите, следниот чекор е тие да ги следат инструкциите, да го притиснат линкот што се споделува во објавата и да ја посетат измамничката веб-страница од каде што ќе може да го „нарачаат“ пакетот со производи. Измамничка веб-страница По отворањето на линкот од измамничката објава, корисниците се насочуваат до некаква надворешна веб-страница. Во отсуство на доволно внимание секому може да се случи да отвори некаков линк и да се фати на мамката, но, самото отворање на линковите не значи секогаш дека измамата била успешна. Страниците се така направени да изгледаат што е можно поверодостојно на оригиналната страница на брендот или продавницата. Во нив најчесто има некоја кратка „анкета“ на која корисниците треба да одговорат. Ваков е примерот со „КАМ“: Без разлика какви одговори ќе се понудат на анкетата, таа ве носи до наредна страница на која се прикажуваат најразлични кутии или други икони – во два или три реда по три икони, коишто се тресат доколку поминете со курсорот над нив. Задача на оваа игра е да ја изберете иконата каде се „наоѓа“ наградата, попустот или производот што се нуди. Сега имате можност да освоите една од нашите ексклузивни награди. Пробајте ја вашата среќа! Едноставно изберете ја точната подарочна кутија. Имате 3 обиди — со среќа!, пишува во измамата. Се даваат три обиди, а првиот секогаш ќе биде „погрешен“ избор, но на вториот или третиот обид ќе ја изберете точната икона што ја содржи наградата. Тоа изгледа вака: Откако ќе ја отворите „добитничката кутија“ и ќе ја добиете наградата, стигнувате до страницата каде ќе треба да ги оставите вашите лични податоци и понатаму да ја платите сумата (најчесто симболична) за да го добиете пакетот производи. Како што можете да видите од видеото подолу, без разлика какви податоци оставите (дури и бесмислени повторувања на иста буква или бројка), системот ќе ги „прифати“ како точни и ќе ве однесе на наредната страница за наплата. Доколку ова би била веродостојна наградна игра, организаторот на истата би ги споделил сите детали за правилата, контакт до организаторот и сите останати потребни информации, како што е пропишано во Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Наспроти нив, измамничките сајтовите се оскудни и ги наведуваат корисниците само да стигнат до формуларите на кои треба да ги остават личните податоци. Затоа, кога станува збор за сомнителни Фејсбук награди игри препорачливо е да ги проверите дали објавата е споделена на официјалната страница од каде што се рекламира производот или наградната игра. Проверете ги основните информации на Фејсбук страницата – кога е создадена, колку следбеници, лајкови и рецензии има страницата, проверете ги коментарите во објавата дали се напишани од вистински профили или ботови. Доколку го отворите линкот, проверете го името на сајтот во полето за УРЛ и проверете дали функционираат сите копчиња на страницата – најчесто таа е целосно нефункционална освен копчињата за плаќање. Во најмала рака, секоја продавница или бренд имаат контактни информации или центар за поддршка каде може да се јавите и да ги прашате директно дали се работи за вистинска наградна игра или не. Запомнете: Ако нешто е премногу добро да биде вистинито, тогаш е најверојатно е лага или измама.

Share this post: