TheNorthmacedoniaTime

Мицкоски: Имаме доволно гориво и струја, како и резерви на мазут, ограничувања на потрошувачката нема да има

2026-03-24 - 12:34

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека снабдувањето со гориво и електрична енергија е стабилно, а на располагање се и одредени количини на резерви на мазут од минатата година кои не се искористени. Тој информира дека нема да има ограничување на потрошувачката на гориво иако неколку земји од регионот донесоа таква одлука. „Имаме доволно количини за потребите на граѓаните, зголемен е конзумот во одредени погранични области, со Албанија, Косово и Србија и со Грција, за околу 10%, бидејќи голем дел од граѓаните од овие земји точат гориво на бензинските пумпи кај нас, поради тоа што цената на горивата во некои случаи е пониска и до половина евроценти по литар. И нафтоводот е во целосна функција, што претставува дополнителна сигурност, складовите се полни согласно закон, државните резерви се околу шеесетина дена, така што во овој момент, нема никаква потреба од таква мерка. Информиран сум дека и дел од околните аеродроми се снабдуваат со керозин од ОКТА,“ рече Мицкоски. Тој информира дека во моментот се размислува за ослободување на резервите на мазут за потребите за производство на струја, но и дека постојат одредени количини кои требало да се повлечат на крајот од минатата година кога беше прогласена кризната состојба, околу 3.000 тони, кои не се целосно повлечени. Мицкоски најави дека првенствено тие ќе останат на располагање, а доколку е потребно повеќе ќе се донесе нова одлука за користење на резервите. „Денеска сум информиран од страна на директорот на АД ЕСМ, дека не само што ги задоволуваат потребите на граѓаните и конзумот за електрична енергија, туку и продаваат навечер со што имаме дополнителни приходи,“ рече Мицкоски.

Share this post: