Трамп: Иранските ракети во голема мера се уништени
2026-03-06 - 07:47
Воздушната одбрана и ракетните капацитети на Иран се целосно или во голема мера уништени, изјави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп, јави ДПА. „Веќе го нема нивното противвоздушно оружје. Значи, тие немаат воздухопловни сили. Тие немаат воздушна одбрана. Сите нивни авиони се исчезнати“, рече Трамп. Американскиот претседател додаде дека се уништени 60 отсто од иранските ракети и 64 отсто од нивните лансери, додаде германската агенција. „Штом ќе лансираат ракета, во рок од четири минути, лансерот е погоден“, рече тој. Информацијата не можеше независно да биде потврдена. Заедно со нуклеарната програма и морнарицата на Иран, Вашингтон претходно ја идентификуваше ракетната програма на земјата како клучна воена цел. Адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на САД (CENTCOM) кој ги надгледува воените операции на Блискиот Исток, на паралелна прес-конференција изјави дека Иран сега испукува значително помалку ракети. „Ако само се осврнам на последните 24 часа од операцијата, во споредба со тоа каде бевме на почетокот, нападите со балистички ракети се намалија за 90 отсто од првиот ден“, рече Купер. „Нападите со беспилотни летала се намалија за 83 отсто од првиот ден“, додаде тој, пренесе ДПА.