За главните наративи околу притворот и процесот за Груби – спинови, манипулации и факти
2026-02-26 - 08:47
Би можело да се заклучи дека најголемиот дел од наративите на најголемите парламентарни партии се на одреден начин спинови и манипулации помеѓу кои се загубија основните факти, меѓу кои и главниот – Груби за тоа кривично дело, засега, е само осомничен. Груби, можеби е „чист како солза“ (како што изјавуваше по ставањето на американската „црна листа“ поради „значителна корупција“), а можеби е во кал до гуша. Но тоа треба да се утврди и да се докаже преку квалитено обвинение и непристрасна судска постапка, пренесува Вистиномер. Пишува Теофил Блажевски Артан Груби завчера (23.02) сам се предаде на властите после повеќе од едногодишно бегство. Доцна вечерта (23-24.02) надлежен кривичен суд донесе одлука мерката ефективен притвор од 30 дена да му се замени со куќен притвор, а вчера (24.02) медиумите го пренесоа и образложението на обвинителството зошто го барало тоа. Во овој период од понеделник рано наутро до вчера рано попладне, јавноста е преплавена со неколку главни наративи кои се извор на спинови и манипулации од кои јавноста тешко може да дојде до основните факти. Генератор на овие наративи се четирите најголеми парламентарни политички партии, а каналите за ширење се традиционалните и електронските медиуми (погледни повеќе на Тајм.мк), како и канали преку социјалните мрежи. Политички наративи Владејачките политички партии ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Вреди го градат наративот во насока дека – парафразирано, правдата конечно ќе биде задоволена; одлуката за куќниот притвор треба да му се припише на обвинителството и судството на СДСМ и ДУИ; и дека во ДУИ се тресат од страв зашто Груби, преку кој оделе сите криминали, можел да проговори за истите. Еве дел од примерите: Петрушевски: Време е за одговорност, Груби ќе се соочи со правдата за сторениот милионски криминал (ВМРО-ДПМНЕ 23.02) Правдата го добива своето место... По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби... Артан Груби кој важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДС и ДУИ, конечно ќе се соочи со правдата... За целиот овој милионски криминал на Груби знаеше и СДС, но само за да не му пропадне коалицијата и да му потрае власта, молчеше и го одобруваше, со што стана соучесник. Груби крадеше, СДС молчеше и одобруваше... Или, пак, следново соопштение: Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има (ВМРО-ДПМНЕ 24.02.) Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши...Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат... Кој е наративот на партиите од владејачката Коалиција Вреди, кој го пренесуваат медиумите? „Кој сè ќе оди курбан заедно со Артан Груби, дали ќе му го зададе фаталниот удар на Ахмети?“, прашуваат од Вреди (Слободен печат 23.02) – (Други медиуми – тука) ...Сега не му останува ништо друго освен да се соочи со сопствените гревови. Артан Груби е учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ. Затоа, Мала Речица се тресе од страв затоа што не знаат што сè е подготвен да прозбори, наведуваат во соопштението од Вреди...Од Вреди прашуваат и дали Груби сега ќе им го зададе фаталниот удар на Ахмети и на ДУИ. Но, кој сè ќе оди курбан заедно со него, допрва ќе видиме“, велат од ВЛЕН. Наративот на главните опозициски партии Од СДСМ досега излегоа со два наративи. Првиот, завчерашниот (23.02.) беше фокусиран на тезата дека постои договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Груби да се предаде за да се дефокусираат другите главни афери поврзани со власта, оние за случајот марихуана, за минималната плата за тендерите. Вториот наратив од вчера (24.02), се фокусира на тезата дека одлуката за куќен притвор е доказ дека има договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, дека правната држава е погребана дека ВМРО-ДПМНЕ ги контролира судството и обвинителството. Еве дел од примерите: Враќањето на Груби е договорена кампања поради падот на рејтигнот на Мицкоски (СДСМ – 23.04.) ...Нема борба против криминалот и корупцијата. Станува збор само за договорена кампања поради падот на рејтигнот на Мицкоски. Сакаше да се претставува како чесен, но по бројните скандали, скапите часовници и луксузирањата на грбот на народот со авион веќе е прочитан од граѓаните. Copy-paste по рецепт на Вучиќ, кој секогаш кога е во пад најавува некое апсење, посочи Кузеска... Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија да се врати...На овој начин ВМРО, со поддршка од ДУИ, сака да го покрие најголемиот нарко-скандал со 5 тони дрога, кој води до врвот на Владата на Мицкоски... Или примерот од следниот ден: Контролирано обвинителство и судство: Дилот ВМРО–ДУИ му донесе куќен притвор на Груби (СДСМ – 24.02) Одлуката за куќен притвор за Артан Груби е уште една силна потврда за дилог ВМРО-ДУИ. Правната држава е погребана. Сè е однапред договорено и режирано. Куќен притвор за лице кое веќе еднаш избегало од државата и за кое веќе имало одредено мерка притвор. Затоа го сменија јавниот обвнител, избраа судии и обвинители под нивна контрола... Од ДУИ, партијата во која Артан Груби жареше и палеше, на прв поглед можеби имаа најпринципиелно соопштение, но и тоа е манипулација, затоа што поинаку зборуваа кога Груби стана бегалец од правдата во декември 2024 г. Еве го нивниот наратив пренесен од медиумите: ДУИ го пофали „враќањето“ на Артан Груби во Македонија (23.02. Независен) – (Други медиуми тука) Од Демократската унија за интеграција (ДУИ), каде Груби беше висок функционер, позитивно ја оценија неговата одлука да се врати во земјава. Од партијата очекуваат процесот да се одвива според највисоките стандарди на владеење на правото, транспарентност и целосно почитување на презумпцијата на невиност. ДУИ останува непоколеблива во ставот дека правдата мора да биде еднаква за сите, без селективност, без двојни стандарди и без политички влијанија. Само правична и професионална постапка ѝ служи на вистината, на институциите и на довербата на граѓаните, велат од ДУИ, додавајќи дека внимателно ќе го следат процесот во сите негови фази. Фото: Мета/Влада на РМ Дел од првични ставови на правни експерти Поранешниот судија, денес адвокат Владимир Туфегџиќ , меѓу првите изрази јавен став и оценка за случајот со притворот на Груби, кој шири наратив што на јавноста би и помогнал да се присети на фактите. Неговиот наратив е насочен кон обвинителството и судството во однос на притворот, а го пренесуваат медиумите на 24.02: Адвокатот Туфегџиќ по куќниот притвор на Груби повика на еднаков третман за „големиот политичар“ и „обичниот човек“ (24.02.Скопје1.мк) – (Тајм.мк 24.02). Денешниот настан со Артан Груби прво го отвора прашањето дали како луѓе конечно ќе научиме нешто за сензационализмот, непотребното билдање и загревање на амбиентот за нешто што е извесно како бел ден дека ќе се случи и како меур спласнува на крајот на денот“, посочува Туфегџиќ... Праведен ред кој значи дека јавен обвинител не ја собира опашката брзајќи политичарот кој бил во бегство да не биде притворен, а истовремено истиот на малиот човек му покажува сила и мускули“, наведува Туфегџиќ, додавајќи дека додека не се воспостави таков принцип, надежта за суштински промени останува неизвесна. Околу притворот, со доза на сарказам, се изјасни и универзитетската професорка Мирјана Најчевска со наратив дека е резултат на некаков договор. Еве како ја пренесоа дел од медиумите: Најчевска: Никој нема да се осмели на извршителот на мафијата нешто да му направи во затвор (Либертас, 24.02) Кој бре ќе се осмели на извршителот на мафијата нешто да му направи во затвор? Јасно ви е дека е направен дил?... Најчевска и во нејзината изјава за Рацин.мк. од вчера, го гради наративот за дил за да се прикријат актуелни други скандали: Според мене има неколку моменти кои треба да се имаат предвид кога се анализира враќањето/апсењето на Артан Груби во дадениот момент. Несомнено е дека има некој дил меѓу ДУИ и ДПМНЕ каков и за што сигурно набрзо ќе видиме, во изјава за Рацин.мк, вели Мирјана Најчевска, универзитетска професорка и аналитичарка. Како следна причина Најчевска предупредува дека ова враќање/апсење на Груби, всушност, треба да го оттргне интересот на јавноста од редицата постапки на власта и очигледни показатали на неспособност и/или вмешаност во криминални дејствија...(За наративот на Најчевска види и на Тајм.мк) *** Би можело да се заклучи дека најголемиот дел од наративите на главните политички партии се на одреден начин спинови и манипулации помеѓу кои се загубија основните факти, меѓу кои и главниот, почитување на презумпцијата на невиност – Груби за тоа кривично дело, засега, е само осомничен. Обвинителството нема покренато обвинителен акт или донесено друга јавно обвинителска одлука, освен фазата за истрага од 2024 година, сегашниот распит и предлогот до надлежниот кривичен суд да му се замени мерката ефективен, со куќен притвор од 30 дена. Кривичниот суд пак, го прифаќа предлогот на надлежното обвинителство. Главните наративи, кои се однесуваат на синоќешата одлука за куќниот притвор, се чини, ќе нанесат најголема штета повторно врз обвинителството и судството. Зашто прашањата кои треба да се одговорат и поткрепат со факти – со какави докази е поткрепена кривичната пријава на МВР од декември 2024 г., каква истрага отворило надлежното ЈО тогаш и до какви сознанија дошло во истрагата после цела една година за да предложи одлука за бегалец од правда да му се замени ефективниот со куќен притвор и дали Кривичниот суд (судија на претходна постапка) можел да го отфрли тоа барање и да донесе поинаква одлука – не се одговорени транспарентно. Сè до изнесувањето на овие факти, најголемите политички партии од власта и опозицијата, треба да се воздржат од невидената леснотија со која ги шират наративите од кои фактите остануваат замаглени, како што тоа го правеа завчера (23.02) и вчера до рано попладне (24.02). Зашто Груби, можеби е „чист како солза“, а можеби е во кал до гуша – како што изјавуваше по ставањето на американската „црна листа“, заедно со поранешниот судија Енвер Беџети, по одлуката на американската влада од почетокот на декември 2024 г. поради вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, кој е на таа листа од 2022 г. – но тоа треба да се утврди и да се докаже преку квалитено обвинение и непристрасна судска постапка. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар