TheNorthmacedoniaTime

Сиљановска-Давкова ја отвори изложбата „Архивски документи“ на Жанета Вангели во македонскиот КИЦ во Загреб: Силна поддршка за уметноста и порака за значењето на културата како мост меѓу народите

2026-03-25 - 09:24

Во македонскиот Културно информативен центар во Загреб вечерва беше отворена изложбата „Архивски документи“ на светски признатата македонска уметница Жанета Вангели. Изложбата ја отвори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која се наоѓа во официјална посета на Хрватска. На настанот се обратија директорката на Центарот, Мими Ѓорѓоска Илиевска, директорот на Националната галерија, Али Синани, како и кураторката Маја Крстевска. Според организаторите, присуството на претседателката Сиљановска-Давкова претставува силна поддршка за уметноста и порака за значењето на културата како мост меѓу народите. Изложбата „Архивски документи“ претставува ново авторско истражување на Вангели, чија работа е препознатлива по концептуален пристап, силен визуелен јазик и критичка ангажираност, истакна Крстевска. Станува збор за прво претставување на Вангели пред хрватската публика, со вкупно 41 дело изработени во техника принт на плексиглас и придружни аудио материјали. Проектот е замислен како патувачка изложба, која ќе биде поставена и во културните центри во Белград, Истанбул и Софија. Изложбата „Архивски документи“ на професорката и ликовна уметница Жанета Вангели е првиот програмски проект за 2026 на Национална галерија. Овој проект е реализиран во македонскиот Културно информативен центар во Загреб со поддршка на Министерството за култура и туризам. Жанета Вангели, родена во 1963 година во Битола, дипломирала на прочуената Städelschule во Франкфурт, една од најреномираните европски академии за современа уметност. Таа е редовна професорка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а нејзината уметничка кариера вклучува учества на значајни меѓународни манифестации, меѓу кои и Венецијанското биенале, како и бројни музејски поставки ширум Европа и светот. МИА

Share this post: