Кумановец починал додека возел – повредена е и сопатничка кога колата излетала од патот
2026-03-23 - 10:34
Шеесет и четиригодишен кумановец починал додека возел, по што со автомобилот излетал од локален пат во Кумановско, соопшти полицијата. Со него во колата била и 57-годишна жена која била повредена и пренесена во болница. „Вчера попладне околу 17:00 часот, во СВР Куманово е пријавено дека на локалниот пат село Клечовце – село Шупљи Камен, на место викано „Кантон“, патничко моторно возило „Даеву Тико“ со кумановски регистарски таблички, управувано од М.Д. (64) од Куманово, излетало од патот. Лекар од Итна медицинска помош кај возачот М.Д. констатирал смрт, додека кај сопатничката Л.Д. (57) биле констатирани телесни повреди и таа е пренесена во Општа болница Куманово“ соопшти полицијата. Според изјавата на сопатничката, на М.Д. му се слошило и изгубил свест пред да се случи несреќата, соопшти МВР. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.