Зеленски ја обвинува Русија дека го прекршила примирјето договорено со посредство на Трамп
2026-02-04 - 07:18
Москва извршила „тероризирачки“ напад врз енергетската мрежа додека температурите паднале до –20°C, изјави украинскиот претседател, пренесува „Гардијан“. Володимир Зеленски вчера ја обвини Русија дека го прекршила договорот со Доналд Трамп, да се воздржи од напади врз енергетските системи на Украина во екот на суровата зима, откако руските сили извршија масовни воздушни напади врз Киев во пресрет на трилатералните разговори во Абу Даби. Украинскиот претседател изјави дека Москва извршила масовен и „намерен“ напад во текот на ноќта, кога температурите во Киев паднале до –20°C. Според него, биле употребени рекорден број од 71 балистичка ракета, како и 450 дронови, со цел уништување на енергетската инфраструктура. Повеќе од 1.000 станбени згради во Киев останале без греење вчера. Зеленски рече дека Русија го прекршила ветувањето што Трамп минатата недела го опиша како лична молба до Владимир Путин да престане со нападите врз Киев и „различни градови“ за една недела поради исклучително студеното време. „Тој се согласи на тоа. И морам да кажам дека беше многу љубезно“, изјави американскиот претседател во четвртокот. Кремљ подоцна соопшти дека примирјето ќе трае само до недела. Според Украина, прекинот на огнот требало да продолжи до овој петок.