TheNorthmacedoniaTime

Работната група за итни законски измени за посилна заштита на жените жртви на насилство ќе обезбеди поефикасна практична примена на законите

2026-03-13 - 13:36

Со цел зајакнување на системската заштита на жените жртви на насилство и подобрување на законската рамка, денеска се одржа првиот состанок на Работната група за следење, анализирање и давање препораки за подобрување на националната легислатива за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и за подготовка на предлог итни измени на законодавството. На работната средба присуствуваа заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Состанокот се одржа во Министерството за социјална политика, демографија и млади, согласно заклучокот донесен на Итната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство. Работната група ќе работи на измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои: -Законот за полициски овластувања; -Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство; -Законот за социјална заштита; -Законот за правда на децата; -Законот за бесплатна правна помош; -Законот за кривична постапка; -Законот за парнична постапка и -Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Членовите на работната група се номинирани претставници од релевантни институции и граѓански организации, меѓу кои: Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, невладиниот сектор, надлежните судови, Јавното обвинителство, претставници од академската заедница и од Собранието. Во работата на групата се вклучени и надворешни соработници од меѓународниот сектор. На состанокот беше заклучено секоја институција до следната средба да достави конкретни предлози за законски измени, како и измени на подзаконски акти, правилници и протоколи, согласно утврдените потреби. Целта е да се обезбеди поефикасна практична примена на законските решенија и дополнително да се зајакнат механизмите за спречување на насилството и заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство.

Share this post: