TheNorthmacedoniaTime

Грујоски: Паралелно со домашното филмско творештво се разви и филмскиот плакат кој е битен дел од историјата на македонската визуелна култура

2026-03-01 - 13:07

Во Кинотека на Македонија беше промовирана монографијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“. На нсвеченоста се обрати директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски., кој посочи дека развојот на македонската кинематографија во изминатите седум децении бележи континуитет од филмски наративи, авторски остварувања, стилски и естетски трансформации, како и постепена надградба на продукцискиот процес. Во предговорот на изданието Грујоски посочува дека паралелно со домашното филмско творештво, се разви и една значајна визуелна компонента – а тоа е филмскиот плакат, кој е битен дел од историјата на македонската визуелна култура. Плакатот ги рефлектира историскиот контекст, продукциските услови и доминантните визуелни текови на времето во кое е создаван, а воедно е и сведок за развојот на локалните ликовни и дизајнерски тенденции. Збирката филмски плакати која денес се наоѓа во Кинотеката на Македонија е можеби најкомплетната и најразновидна на овие простори, а е резултат на повеќедецениско прибирање, обработување и чување на овој значаен дел од корпусот на филмскиот промотивен материјал. Вклучува и раритетни плакати од играни филмови од почетокот на организираната домашна филмска продукција, понекогаш сочувани и во (само) еден примерок, а поретко и по неколку ликовни решенија за еден игран филм или, пак, на повеќе јазици – во зависност од напорите на дистрибутерот да го прикаже филмот во што повеќе различни земји и говорни подрачја. Може да се каже дека филмскиот плакат во домашната филмска продукција – во минатото често имал статус на маргинален промотивен материјал, иако денес се третира како значаен културен и ликовен артефакт. Досега речиси воопшто и не бил истражуван – познат е само еден краток осврт објавен во стручната филмска и ликовна периодика, во еден од првите броеви на списанието КИНОПИС („Македонскиот филм на плакат“, Кинопис бр.2, Кинотека на Македонија, Скопје, 1990). Оттаму, ова монографско издание на Кинотеката на Македонија претставува прва поопфатна и подетална студија која ги обработува појавата и развојот на македонскиот филмски плакат низ различни временски периоди. Објавувањето на збирката филмски плакати за играните македонски филмови во овие седум децении (1952 – 2022) – дава, пред сè, еден првичен, прелиминарен преглед на она што досега е изработено и промовирано како филмски плакат во домашната филмска продукција – преку граѓата што низ годините е прибрана, документирана и архивирана во Кинотеката. Хронолошкиот преглед што го нуди ова издание овозможува проширен увид во продукциските практики, визуелните концепти и културните политики карактеристични за различни периоди од развојот на македонската кинематографија. Почнувајќи од раните, претежно сликарски решенија и класично изведени композиции, до подоцнежната доминација на фотографијата, апстрактните форми, како и современите дизајнерски пристапи кои ги интегрираат дигиталните техники и новите визуелни правила – во развојот на македонскиот филмски плакат се вклучени повеќе генерации автори, академски школувани сликари, графички дизајнери и визуелни уметници како што се: Кондовски, Танчев, Марковиќ, Куфаловски, Велков, Боројевиќ, Чемерски, Кубе, Лехнер, Мекин и многу други. Меѓу нив, засега, имаме и определен (помал) број недокументирани творци, односно непознати автори на одредени плакати – каде што за некои од плакатите немаме никакви податоци за авторите или, пак, имаме само непотврдени и/или контрадикторни информации; така што оваа листа останува да се докомплетира и доистражи понатаму во проектите кои, се надеваме, ќе следуваат како продолжеток и продлабочување на ова првично и базично истражување и проследување на македонскиот филмски плакат. Сепак, и покрај својата скромност, ова издание претставува важен придонес кон документирањето, истражувањето и валоризацијата на македонското филмско и ликовно наследство. Двата осврта на реномираните автори и ликовни критичари Валентино Димитровски и Владимир Величковски – поместени во оваа монографија – во голема мера го збогатуваат и комплетираат овој првичен обид да се публикува збирката на кинотечни плакати од македонските играни филмови, па во таа насока би сакал да ја изразам мојата голема благодарност до нив за вложениот интерес и нескриен ентузијазам за овој проект. Најпосле, во контекст на современите истражувања на полето на визуелните уметности, медиумските студии и историјата на дизајн, се надевам дека ова издание во иднина ќе послужи како референтна основа за проучувачите на македонската кинематографија, а за љубителите на филмската уметност воопшто – ќе претставува посебно задоволство разгледувањето и прелистувањето на една ваква исклучителна и ретка публикација. Во своето 70-годишно постоење – од ФРОСИНА па сè до ПРЕЕКСПОНИРАНО, КАЈМАК и МИМИ – македонскиот игран филм зад себе оставил ликовни прикази, односно плакати со кои ги презентирал и докажувал својата посебност и визуелен печат. Со сета должна почит кон авторите вклучени во сите развојни фази од создавањето на едно филмско дело, нам ни преостанува да ги вреднуваме и постојано да се навраќаме на нивните дела вткаени во културниот код на нашето постоење, вели. Бошко Грујоски Монографијата ред присутнтите ја промовираа Јане Алтипармаков и Саша Станишиќ, кои ја истакнаа важноста на филмскиот плакат како неразделен дел од националната кинематографија и визуелната култура. Промоцијата претставуваше значаен културен момент во одбележувањето на седум децении од развојот и историјата на филмскиот плакат во Македонија. Монографијата нуди богата и внимателно селектирана збирка од највпечатливите и најистакнатите плакати создадени во периодот од 1952 до 2022 година, претставувајќи своевидна визуелна хроника на македонската филмска уметност, графички дизајн и естетски тенденции низ времето. Изданието не само што ја документира еволуцијата на филмскиот плакат, туку и сведочи за креативната енергија и авторскиот печат на генерации уметници кои преку визуелниот јазик го обликувале идентитетот на македонскиот филм. Монографијата „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ може да се купи во Кинотека на Македонија.

Share this post: