СДСМ предлага намалување на ДДВ и акцизи по растот на цените на горивата
2026-03-17 - 11:55
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска на прес-конференција зборуваше дека поскапувањето на горивата ќе повлече нов бран на поскапувања, особено кај основните прехранбени производи, што, според него, претставува сериозен удар врз семејниот буџет на граѓаните. „Не се само во прашање цените на горивата. Ова поскапување ќе доведе до поскапување на храната, на основните прехранбени продукти, евентуално и на струјата. Потоа, дури и цената на нафтата на светските берзи да се стабилизира и да се намали, ако се случат овие поскапувања, цените ништо нема да ги врати назад“, изјави Филипче. Тој најави дека СДСМ во Собранието ќе поднесе пакет законски решенија со цел да им се олесни на граѓаните во услови на економска криза. „Ќе поднесеме закон за намалување на стапката на ДДВ од 18% на 5% за горивата, намалување на акцизата за 4 денари, укинување односно сведување на 0% ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цените на патарините. Владата мора да ги прифати овие закони, затоа што народот во оваа криза едноставно нема да може да се прехрани“, рече Филипче.