TheNorthmacedoniaTime

Советот на јавни обвинители одлучи, немало влијанија од ВМРО ДПМНЕ врз Ленче Ристоска

2026-03-30 - 10:54

Советот на јавни обвинители денеска одлучи да ја одбие иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска, во која таа се жалеше дека е трпи политички притисоци и надворешни влијанија поврзани со нејзината работа. Ристоска, во постапката пред Советот тврдеше дека нападите кон неа се од политичките структури на ВМРО ДПМНЕ, а како пример ги посочи изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во кои ја нарекува обвинителката „медиокритет“, како и заради објави на веб-страницата на партијата. Во образложението на одлуката на Советот, стои дека наводите во иницијативата на Ристоска не се доволно конкретизирани за да се утврди реално влијание врз нејзината самостојност. Според членката Маријана Илиевска, изјавите и јавните напади, иако несоодветни, не биле директно поврзани со нејзиното одлучување како обвинител. Советот заклучи дека нема докази за загрозување на професионалниот интегритет или за надворешно влијание врз работата на Ристоска. Обвинителката во јануари годинава поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ, и најави дека ги користи сите институционални механизми кои и се на располагање, бидејќи како што рече, е недозволиво било кое обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, особено од позиција на моќ. „Поднесов тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и известување за премиерот Мицкоски, како што е јавно објавено, до Советот на јавни обвинители како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, изјави во јануари Ристоска, кога побара и јавно извинување од премиерот Мицкоски поради навреди и дисквалификации. Советот на јавни обвинители тогаш информираше дека ќе ја разгледува иницијативата како и дека е формирана комисија за известувањето на Ристоска понесено поради изјава на Мицкоски во која обвинителката вели дека премиерот ја нарекува медиокритет со клиентелистичко-политичка матрица.

Share this post: