TheNorthmacedoniaTime

Ескалација на насилство на локалните избори во Србија

2026-03-29 - 18:44

Денеска се забележани сериозни нарушувања на локалните избори и сцени на насилство во три од десетте места во Србија каде се одржуваат локални избори. Во Бор, Бајина Башта и Кула независните новинари и набљудувачи укажуваат на паралелни листи и организирани напади на маскирани тепачи меѓу кои се забележани функционери на владеачките партии. Ситуацијата е особено драматична поради фактот што полицијата воглавно не интервенирала против насилниците. Се гласаше и во Књажевац, Севојно, Кладово, Смедеревска Паланка, Аранѓеловац, Лучани и Мајданпек. На еден час пред крајот на гласањето (20 часот) телевизијата Н1 извести дека во сите места е забележана висока излезност од околу 60 проценти. „Денешниот изборен ден во Бор е обележан со низа инциденти на физичко насилство. Динамиката на денот можеби најдобро ја отсликува околноста што за прв пат во едно место каде што ги набљудувам изборите знам каде се наоѓа болницата, полициската станица и судот. За набљудувачката мисија на ЦРТА околноста дека основната безбедност на набљудувачите, активистите и новинарите не е гарантирана од страна на МВР се испраќа многу сериозен сигнал. Она што го сведочиме нема ни сенка на слобода на изборите, а камо ли да зборуваме з анекакви нијанси на демократијата на денешен ден“, изјави Раша Недељков, шеф на набљудувачката мисија на ЦРТА. Тој посочи дека во повеќето места забележале строга контролираност на гласањето како и директно мешање во изборниот процес преку списоци на „сигурни гласови на претседателот“. Во градот Кула набљудувачката мисија на ЦРТА документираше напад на голема група маскирани „непознати лица“, кои излегувајќи од градскиот стадион со камења, штангли, стапови и факели повредиле неколку луѓе кои заради повреди на главата побарале помош во градската болница. „Полицијата реагираше веднаш но не изврши инспекција ниту влезе на стадионот. На стадионот се наоѓаат неидентификуваните лица што го извршија нападот“, изјави Павле Димитријевиќ, шеф на правниот тим на ЦРТА. Потоа на местото на настанот се собрале поголема група граѓани незадоволни од реакцијата на полицијата. Потоа низ градот имало и други инциденти. Во дел од инцидентите за заплашување на граѓаните и опозицијата во Бор и Аранѓеловац учествувале моторџиите од рускиот клуб „Ноќни волци“. Во градот Бајина Башта во текот на ноќта биле избушени гумите на автомобилите на набљудувачките мисии, додека во текот на денот имало повеќе инциденти на улично насилство во кои е искршен еден автомобил. На снимките од еден од инцидентите, покрај тепачите вооружени со палки, се гледа и непознат маж вооружен со пиштол. Во Бор една од тепачките настанала откако голема група провладини насилници, кои во Србија ги викаат „ќаци“ (во македонските медиуми се користи и транслитерација „чаци) излегла од просториите на Фондот за пензиско и здравствено осигурување и им ги скршила главите на студенти. Во Бор физички биле нападнати и други граѓани, меѓу кои и новинари и набљудувач на ЦРТА, на кои при тоа им се одземени мобилните телефони. Недељков изјави дека „еден полицаец физички се закануваше со оружје за да ги смири тензиите, а тепачите рекоа „баш ни е гајле“, го опцуја и ги нападнаа момчињата и нашиот набљудувач“. Порталот Машина објави снимки од Књажевац на кои се гледа дека полицајци, на кои студенти им пријавуваат дека во непосредна близина се случува насилство, одбиваат да отидат на лице место туку ги упатуваат во станица. Во Краљево, полицијата спречила поголема група граѓани кои се собрале пред зградата во која избегале маскираните тепачи по иницијалните напади да се пресметаат со нив. ТВ Нова С извести дека при еден од инцидентите во Бор, еден од граѓаните се пожалил дека полицајци му ја скршиле раката додека го бранел синот од провладините тепачи. Граѓанската организација ЦРТА денес има набљудувачки мисии во сите 10 места во кои се одржуваат избори, организирани преку мобилни тимови. Целосниот состав на мисиите го сочинуваат 300 обучени набљудувачи – волонтери, а логистиката и трошоците за гориво се покриени од индивидуални донации од граѓани.

Share this post: