Македонскиот КИЦ во Софија дел од филмскиот фестивал „Балкинофест“
2026-03-05 - 19:17
Од 28 февруари до 2 март, Македонскиот културно-информативен центар во Софија активно учествуваше на филмскиот фестивал „Балкинофест“, значајна културна иницијатива организирана од повеќе истакнати и етаблирани филмски дејци од Бугарија. Фестивалот има за цел да го промовира современото филмско творештво од регионот на Југоисточна Европа, како и да создаде простор за културна размена, дијалог и поврзување меѓу филмските автори, културните институции и љубителите на филмската уметност. Во рамките на фестивалската програма беа прикажани наградените филмови од Фестивалот на Југоисточна Европа, кој традиционално се одржува во културните центри на Париз, Берлин и Вашингтон. Преку оваа селекција, публиката во Софија имаше можност да се запознае со висококвалитетни филмски остварувања кои се издвоиле со својата уметничка вредност, актуелни теми и современ филмски израз. Фестивалот воедно претставуваше и платформа за средби, разговори и размена на идеи меѓу филмските професионалци и културните работници од регионот. Учеството на Македонскиот културно-информативен центар во Софија на овој значаен културен настан претставува уште еден чекор во насока на афирмација на македонската култура и уметност во меѓународен контекст. Преку своето присуство, Македонскиот културно-информативен центар во Софија придонесе кон продлабочување на културната соработка и кон зајакнување на врските меѓу културните институции од регионот, особено во областа на филмската уметност. Во текот на фестивалот беа остварени повеќе средби и разговори со организаторите и учесниците, при што разгледани беа можностите за идни заеднички иницијативи и соработки. Во таа насока, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски, на организаторите им предложи во програмата на следното издание на фестивалот, планирано за 2027 година, да бидат вклучени и филмски дела на македонски синеасти. Овој предлог предвидува можност за претставување на филмски остварувања од етаблирани македонски автори, но и од млади и перспективни синеасти, со што би се отворил нов простор за афирмација на современата македонска кинематографија. Вклучувањето на македонски филмови во програмата на фестивалот би придонело за поголема видливост на националното филмско творештво, а воедно би овозможило дел од овие остварувања да влезат и во официјалната конкуренција за фестивалските награди. Поддршката на младите филмски автори и нивното претставување на меѓународни фестивали е особено значајно, бидејќи овозможува новите генерации креативци да се афирмираат пред поширока публика и да воспостават професионални контакти со филмски професионалци од различни земји. Токму затоа, ваквите иницијативи претставуваат важен чекор кон создавање нови можности за развој на македонската кинематографија и нејзино позиционирање на меѓународната културна сцена. Со своето активно учество на „Балкинофест“, Македонскиот културно-информативен центар во Софија уште еднаш ја потврди својата посветеност кон промоција на македонската култура, уметност и творештво, како и кон развојот на културниот дијалог и соработка во регионот и пошироко. Ваквите активности претставуваат важен дел од мисијата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, да ја доближи македонската културна сцена до меѓународната јавност и да создава нови мостови на соработка меѓу уметниците и културните институции.