TheNorthmacedoniaTime

Граѓаните не се идентификуваат со партиите, покажува истражувањето на КИИС

2026-03-11 - 13:57

Иако С. Македонија предничи во меѓународни рамки по бројот на членови во партиските организации, граѓаните покажуваат ниска идентификација со партиите и ниски афекти и кон омилените и кон најмалку саканите партии. Ова го покажале меѓународните наоди од компаративното истражување на изборните системи (КИИС/CSES), кои беа презентирани денеска во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Презентацијата ги одржаа политиколозите проф. д-р Анета Цекиќ и доц. д-р Јован Близнаковски, по што со свои дискусии учествуваа и Илина Мангова и вон. проф. д-р Марко Кртолица. Поздравни говори одржаа ректорката проф. д-р Биљана Ангелова, директорот на ИСППИ проф. д-р Петар Атанасов, директорката на ИФЕС во Северна Македонија Јоана Косма и програмскиот директор на ИДСЦС Миша Поповиќ. „Теренската работа за КИИС беше спроведена по парламентарните избори во 2024 година. Националните наоди беа презентирани во јануари 2025, а по објавувањето на меѓународната база на податоци кон крајот на 2025, за прв пат се достапни и меѓународните споредбени наоди. Во раното издание на базата, покрај С. Македонија се вклучени и други 16 земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Азија и Океанија“, пишува во соопштението од КИИС. Наодите покажале дека приближно една третина од граѓаните изразуваат негативни чувства кон сите политички партии, што ја ставаат земјата меѓу најнегативните во целиот примерок. Граѓаните попозитивно од граѓаните на другите земји гледаат на можноста земјата да биде управувана од групи надвор од политиката — граѓани на референдуми, независни експерти и бизнис лидери, што сугерира изразена криза на претставувањето. „Граѓаните го вреднуваат изборниот процес и изборната понуда пониско од повеќето земји вклучени во анализата, перцепирајќи повеќе слабости во споредба со поразвиените демократии. Граѓаните имаат пониска поддршка за демократското уредување од повеќето земји, но истовремено и пониска поддршка за силен авторитарен лидер. Граѓаните ниско ги оценуваат и демократското ниво и спроведувањето на демократските процеси, како и економските прилики и државниот капацитет (обезбедување здравствена заштита). Земјата е во групата на земји каде граѓаните во мнозинство сметаат дека со различните групи не се постапува правично. Граѓаните се умерени во однос на поддршката за ограничувачка улога на судовите врз Владата. Македонија е во групата на топ три земји чии граѓани се декларираат предоминантно десно на скалата за идеолошко самопозиционирање“, наведено е во наодите. Од друга страна, наодите покажуваат дека мнозинството граѓани сметаат дека процентот на жени во националниот парламент е доволен или превисок, иако во умерена мера споредено со некои други земји. „Земјата е меѓу поделените земји по прашањето кој е попогоден да управува во време на криза, мажите или жените. Граѓаните се умерени во однос на поддршката за зајакнување на политиките за претставување на жените. Во однос на политички интерес, ефикасност и информирање, граѓаните имаат споредбено ниско ниво на интерес за политика, ниска внатрешна политичка ефикасност, самодоверба за учество во политика и ниска надворешна ефикасност, односно доверба дека нивниот глас може да промени нешто. Граѓаните компаративно пониско се информираат за изборната кампања. Во една недела во текот на кампањата, граѓаните во просек следат вести на сите видови медиуми нешто повеќе од два дена неделно“, пишува во извештајот.

Share this post: