TheNorthmacedoniaTime

Обвинителството бара продолжување на притворот за сопругот на починатата жена од Карпош, се вештачат телефони и видеоснимки

2026-03-05 - 12:37

Основното јавно обвинителство Скопје бара продолжување на мерката краткотраен притвор за Стојанче Јовановски, сопруг на 31-годишната жена која заедно со нивното шестгодишно дете падна од балкон во скопската населба Карпош. Од Обвинителството велат дека предлогот за определување нов 48-часовен притвор е доставен бидејќи се постапува по издадените наредби за вештачење на три мобилни телефони и на други предмети, а се обезбедуваат и се анализираат видеозаписи од повеќе критични локации. Исто така, велат дека се обезбедува и целокупната документација за претходни поплаки и пријави за семејно насилство кои се однесуваат на осомничениот и починатата жена. „Дополнително се преземаат и други дејствија од значење за докажување на кривичните дела чии елементи се испитуваат во моментов“, велат од Обвинителството. Пред два дена на Јовановски му беше определен краткотраен притвор од 48 часа за, како што посочија од Обвинителството, обезбедување докази во однос на сомненијата и за да се извршат вештачења, анализи на камери, известувања од претрес и други дејствија. Јовановски е осомничен за наведување на сторување самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста. За јовановски од МВР рекоа дека и досега ѝ бил познат на полицијата по дела поврзани со насилство и други криминални активности. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека против Стојанче Јовановски во изминатите години скопската полиција поднела вкупно 10 кривични пријави за дела од областа на насилниот криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога.

Share this post: