TheNorthmacedoniaTime

Четири години од руската инвазија врз Укриана: Русија не ги постигна своите воени цели

2026-02-24 - 12:06

Русија не ги постигна своите воени цели во Украина. Бидејќи не може да напредува на бојното поле, таа намерно ги таргетира украинските цивилни и критични инфраструктурни објекти, вклучително и енергетската инфраструктура, болниците, училиштата и станбените згради, среде тешка зима. Украинците остануваат цврсти во својата издржливост, решителност и отпорност, се вели во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, претседателката на Европската комисија и претседателката на Европскиот парламент, по повод четвртата годишнина од руската инвазија врз Украина. „ЕУ цврсто стои покрај Украина и нејзиниот народ уште од првиот ден на руската агресија. Нашата цел е сеопфатен, праведен и траен мир за Украина, заснован врз принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право. Ги поддржуваме сите напори насочени кон постигнување таков мир – мир со достоинство и долгорочна безбедност. Почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет е темелна вредност. Ниту една држава не може да го анектира својот сосед. Границите не смеат да се менуваат со сила. Агресорот не смее да биде награден. Во сегашната предизвикувачка меѓународна и геополитичка средина, ја нагласуваме важноста од одржување на трансатлантската и глобалната солидарност со Украина“, се наведува во заедничката изјава. Како што се додава, ЕУ ќе продолжи да обезбедува сеопфатна политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка за Украина и нејзиниот народ. Ние остануваме најголемиот донатор на Украина. „Покрај речиси 200 милијарди евра поддршка од 2022 година, европските лидери се согласија да ѝ обезбедат на Украина 90 милијарди евра во периодот 2026–2027 година, со цел да се осигура дека Украина ќе може да ги задоволи своите итни буџетски и одбранбени потреби и да остане силна пред руските напади. Од овој пакет поддршка, 60 милијарди евра ќе бидат наменети за воени потреби. Првата исплата ќе биде извршена што е можно поскоро. Оваа зима, ЕУ и нејзините земји-членки обезбедија невидена енергетска помош за Украина, заедно со системи за воздушна одбрана и противдронски системи, како и хуманитарна помош. Подготвен е нов пакет поддршка за итна испорака на генератори и хуманитарна помош. За зајакнување на енергетската отпорност на Украина и за избегнување повторување на денешната состојба, работиме со Украина на нов план за енергетска безбедност и подготвеност, фокусиран на поправка и зајакнување на мрежите, брзо повторно активирање на оштетените електрани и брзо распоредување на децентрализирано производство на енергија од обновливи извори“, пишува во изјавата. Војната постепено ја ослабува Русија, и како што се додава, ЕУ е решена да изврши дополнителен притисок врз Русија за да ја запре својата агресија и да се вклучи во суштински преговори за мир. „Решени сме да го зголемиме притисокот врз рускиот енергетски и финансиски сектор и да преземеме дополнителни мерки против т.н. „сенковна флота“. Но нашите напори за поддршка на Украина се насочени и кон денот по завршувањето на борбите. ЕУ и нејзините земји-членки, во согласност со нивните надлежности, се подготвени да придонесат кон силни и веродостојни безбедносни гаранции за да се осигура дека Русија никогаш повеќе нема да може да ја нападне Украина. Ќе се погрижиме Русија да одговара за извршените злосторства и за штетата што ја предизвика. Посветени сме на воспоставување на Специјален трибунал за злосторството агресија против Украина и Меѓународна комисија за побарувања за Украина, двете во рамките на Советот на Европа, што е можно поскоро“, пишува во изјавата.

Share this post: