Во Хрватска вакцината против ХПВ в година ќе стане задолжителна
2026-02-26 - 13:38
Од идната година во Хрватска вакцинацијата против хуманиот папилома вирус (ХПВ) треба да стане задолжителна, со законските измени што се планираат во вториот квартал од оваа година, пренесува „Индекс.хр“. Со тоа, Хрватска ќе им се приклучи на неколку земји кои веќе се одлучија на таков чекор, со цел- долгорочно искоренување на ракот на грлото на матката, болест која денес е речиси целосно превентабилна. Како што истакнува директорката на Управата за здравствена заштита при Министерството за здравство, Ивана Портолан Пајиќ, во изминатите петнаесет години се направени значајни поместувања, пред сè во подигнување на свеста за важноста од превенција, рано откривање на болеста и вакцинација против ХПВ. Во Хрватска во последните десетина години од рак на грлото на матката заболуваат околу 300 жени годишно, а меѓу 120 и 130 умираат. Според податоците за смртност, во 2024 година од рак на грлото на матката во Хрватска починале 98 жени, од кои третина биле помлади од 60 години. Овие податоци се однесуваат исклучиво на инвазивен карцином на грлото на матката, без да се вклучат премалигните лезии на епителот кои се значително почести, како и други локализации на рак поврзани со ХПВ, како што се рак на вулвата, вагината, анусот, пенисот или ждрелото. „Ракот на грлото на матката е болест што можеме да ја спречиме. Имаме вакцина, имаме скрининг и имаме ефикасно лекување на премалигните промени, и токму затоа е неприфатливо жените и понатаму да умираат од него“, нагласува Портолан Пајиќ. Вакцинацијата против ХПВ во Хрватска е достапна од 2007 година, првично преку пилот-проекти, а потоа и на национално ниво. Денес таа е бесплатна за девојчиња и момчиња на возраст од 14 до 15 години, со можност за дополнителна вакцинација за средношколци и млади до 25-годишна возраст. Иако не станува збор за задолжителна програма, Хрватска бележи релативно добар опфат. Според податоците на Хрватскиот завод за јавно здравје (HZJZ), најмалку една доза вакцина до 15-годишна возраст примиле 54,8 проценти од девојчињата и 38,9 проценти од момчињата од генерацијата родена во 2009 година. Но, тоа сè уште е далеку од целите што ги постави Светската здравствена организација. Глобалниот план предвидува да се достигне вакцинираност над 90 проценти, 70 проценти од жените до 35-годишна возраст да учествуваат во превентивни гинеколошки прегледи и 90 проценти од жените со откриени премалигни и малигни промени да бидат навремено лекувани.