АХВ со засилени контроли во пресрет на велигденските празници
2026-03-30 - 11:04
Во пресрет на велигденските празници и традиционално зголемената побарувачка на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведува засилени контроли кај операторите со храна во целата држава. Контролите, како што соопшти, се насочени кон сите сегменти од синџирот на храна – производство, преработка, дистрибуција и продажба – со цел да се спречи пласирање небезбедни производи и да се сузбие нелегалната трговија. Со засилен надзор се опфатени маркети, угостителски објекти, специјализирани продавници за јајца, производители и трговци со бои за јајца и нивните увозници, како и месарници и зелените пазари. Инспекторите за храна и официјалните ветеринари на АХВ на терен детаљно проверуваат дали операторите ги исполнуваат сите општи и посебни услови за безбедност на храната. Во однос на боите за јајца и јајцата, покрај условите за чување и складирање и означувањето, акцент ќе биде ставен и на контролите при увоз, при што на местото на истовар на физички преглед ќе подлежи секоја увозна пратка. Со овие активности АХВ превентивно дејствува и обезбедува граѓаните да имаат сигурен пристап до безбедни и квалитетни производи за празничната трпеза. Како одговорна институција, апелираме до граѓаните да бидат внимателни и одговорни потрошувачи и храната да ја купуваат исклучиво од одобрени и регистрирани оператори, кои се под контрола на Агенцијата – се наведува во соопштението.