TheNorthmacedoniaTime

Министерот Перински во работни посети на Свети Николе и Чешиново – Облешево со фокус на локалниот развој

2026-03-25 - 13:44

Конкретни инвестиции, резултати и можности за засилена соработка меѓу централната и локалната власт беа клучните теми на разговор на работните посети на министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во општините Свети Николе и Чешиново – Облешево. Во директни разговори со градоначалниците, членовите на Советот и претставници на општинската администрација, беа разгледани тековните активности, приоритетите на локално ниво и напредокот во реализацијата на инфраструктурните проекти, со посебен акцент на мерките што носат непосредни придобивки за граѓаните. Воедно, министерот Перински информираше дека во Ресурсниот центар за поддршка на општините, веќе е воспоставена солидна база од експерти за стручна и техничка помош, а тоа значи овозможување на директна поддршка на општините на нивно барање. Притоа, беше најавено и започнување на нов процес за разгледување на потребата од измени на законското решение за меѓуопштинската соработка, со цел поттикнување и унапредување на овој важен инструмент за поефикасно користење на ресурсите и обезбедување поквалитетни услуги за граѓаните. Со поддршка на Владата во рамки на двата јавни повика за финансирање на проекти за капитална инфраструктура, за двете општини се обезбедени значајни средства: · За Општина Свети Николе финансирани се 23 проекти, во вкупна вредност од 168.434.241 денари; · За Општина Чешиново – Облешево обезбедени се средства за 9 проекти, во вкупна вредност од над 60 милиони денари. „Овие инвестиции се директен одговор на потребите на граѓаните и доказ дека со координиран пристап и партнерство со општините, обезбедуваме рамномерен развој и подобри услови за живот во сите региони“, истакна министерот Перински. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, посочи дека општината активно работи на подготовка и реализација на развојни проекти „Во изминатиот период, активно работевме на подготовка и аплицирање на повеќе значајни проекти до Министерството за локална самоуправа. Овие проекти се насочени кон развој на инфраструктурата, подобрување на јавните услуги и создавање подобри услови за живот за сите наши граѓани.“ Министерството за локална самоуправа, преку Програмата за рамномерен регионален развој и Програмата за намалување на диспаритетите, дополнително дава можност на општините да аплицираат со проекти со цел подобрување на локалната инфраструктура, унапредување на јавните услуги и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните. „Во претходниот период веќе се реализирани два значајни инфраструктурни проекти – изградба на две улици во село Соколарци, со вкупна вредност од околу 2,5 милиони денари, како и изработка на техничка документација и проект за патниот правец Облешево – Спанчево, во вредност од околу 900.000 денари“, нагласи градоначалникот Јорданче Костадинов.

Share this post: