TheNorthmacedoniaTime

Скопје доби уреден спортски простор на кејот на Вардар – Ристовски: Наша обврска е да создадеме услови во кои младите ќе изберат спорт!

2026-03-06 - 13:16

Министерството за спорт реализира уште еден инфраструктурен проект во интерес на граѓаните и на спортот. Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го пушти во употреба реконструираното мултифункционално игралиште на кејот на реката Вардар кај скопскиот Луна Парк. Ова е уште еден од проектите на Министерството за спорт од програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура, реализиран во соработка со локалната самоупарва, со цел спортот да биде достапен за сите и да се промовира активен и здрав начин на живот, особено за младата популација. -Со секое ново или обновено спортско игралиште испраќаме јасна порака – спортот мора да биде блиску до младите. Нашата обврска како институции е да создадеме услови во кои децата и младите ќе изберат спорт, здрав живот и тимски дух. Министерството за спорт ќе продолжи со инвестиции во спортската инфраструктура, затоа што таа е темел за развој на спортот и на здраво општество. Имаме добра соработка со локалната самоуправа и само со заедничка заложба можеме да создадеме повеќе можности за спорт и активен живот за нашите граѓани – рече министерот Борко Ристовски. Реконструираниот простор на кејот на Вардар располага со игралиште за одбојка на песок како и фудбалско и кошаркарско игралиште со современа полипропиленска подлога, што овозможува побезбедни и поквалитетни услови за спорт и рекреација.

Share this post: