TheNorthmacedoniaTime

Јавно обвинителство: Промената на обвинител нема да го запре судењето за кочанската трагедија

2026-03-29 - 09:05

По последните одлуки на Советот на јавни обвинители за избор на обвинители во ОЈОГОКК, Јавното обвинителство веќе ги презеде сите потребни чекори за да овозможи ефикасност и непречено водење на сите тековни постапки. Ниту еден започнат процес нема да трпи неоправдано одолговлекување или усложнување, а во судница ќе има јавен обвинител подготвен да го застапува обвинението, соопштија денеска од Основното Јавно обвинителство (ОЈО), од каде што реагираат по информациите дека не беше повторно избрана обвинителката Ивана Трајчева, која покрена постапки против полицајци и началници во МВР кои ги смета за одговорни во трагедијата во „Пулс“. Трајчева е обвинителка позната и по гонењето на ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, Исмет Гури од ДУИ, застапувањето на предметот „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, а тоа што не е повторно избрана ќе значи дека еден од предметите, по одложувањата на две судења, ќе припадне во рацете на друг обвинител. „Јавното обвинителство е единствен орган и евентуална промена на јавен обвинител во текот на водењето на предметите, што може да се случи од најразлични причини, не се одразува врз динамиката и начинот на водење на постапките. Промената на обвинител судот ја нотира, а судењето продолжува онаму каде што запрело, односно нема никаква потреба за повторување на постапките. Затоа ЈО апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање на јавноста, особено за предметите поврзани со кочанската трагедија, бидејќи сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките кои се во тек, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите, но и целокупната јавност“, соопштуваат денеска оттаму. Во Обвинителството го повикаа Здружението на новинари и другите професионални организации, да апелираат и да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање на вакви трагедии, за да не се дозволи неосновано зголемување на болката и страдањата, односно нова виктимизација на најпогодените од овој трагичен настан. „Апелираме и до сите останати повикани јавно одговорни чинители да придонесат за ефикасност на постапките, но и за одмереност во јавните настапи и коментари каква што налага сериозноста на последиците и колективната траума предизвикана од пожарот во „Пулс”. Имајќи ја предвид сериозноста на овој настан, сите јавни личности кои имаат општествено влијание треба да внимаваат да не предизвикуваат неоснован немир во јавноста преку изјави, објави на социјални мрежи или која било друга форма на јавно изразување која би била вознемирувачка“, наведено е во соопштението од ЈО. Во Обвинителството велат дека како држава, на повредените и на семејствата на жртвите, но и на сите граѓани, им должат законска и достоинствена судска постапка која ќе ги даде одговорите и очекуваната правда.

Share this post: