Проширена истрага за пожарот во Кран-Монтана на претставници на локалните власти
2026-03-09 - 11:38
Обвинителството во швајцарскиот кантон Вале денеска соопшти дека истрагата за пожарот во ноќен клуб во Кран-Монтана е проширена и вклучува пет актуелни и поранешни локални функционери, вклучувајќи го и градоначалникот Николас Феро. Семејствата на жртвите од пожарот во барот „Констелејшн“, во кој загинаа 41 лице, а 115 беа повредени, посочија на одговорноста на градоначалникот на Кран-Монтана, Феро за неговата пасивност во однос на непочитувањето на мерките за спречување на пожари во градот. Според истрагата, пожарот бил предизвикан од прскалки и пиротехнички средства кои го запалиле таванот на барот. Сопствениците на барот, Жак и Џесика Морети, негираа какво било кривично дело, истакнувајќи дека во барот имало инспекција трипати, во 2016, 2018 и 2019 година, и оти не се пронајдени поголеми проблеми. Досега против семејството Морети, како и против шефот на безбедносните служби на Кран-Монтана и неговиот претходник, е спроведена истрага за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди и палење од небрежност. Сепак, адвокатите на семејствата на жртвите побараа истрагата да ја вклучи целата градска администрација.