Игор Џамбазов предупредува на лажно видео и интернет измама со неговиот лик, најави тужба
2026-03-24 - 12:44
„Не, не сум ослабен 20 килограми. Не, немам никакви таблети, чаеви или масти“ – со овие зборови актерот и шоумен Игор Џамбазов реагираше на лажно видео кое се шири на социјалните мрежи, во кое неговиот лик се злоупотребува за рекламирање производи. Во објава на Фејсбук, Џамбазов демантира дека има било каква врска со наводна докторка или со рекламирање препарати за слабеење. Не познавам никаква докторка Елизабета, а уште помалку со неа сум договарал било што околу користење на мојот лик, дело, а во овој случај и тело, за некаква реклама“, напиша Џамбазов. Тој посочува дека ваквите содржини веќе десетина дена кружат на интернет, иако постојано се пријавуваат и отстрануваат. Ова видео, и уште многу други глупости на оваа тема веќе десет дена се појавуваат на Фејсбук. Ги пријавуваме, ги снемува, и после само неколку часа повторно се појавуваат“, наведува тој. Џамбазов случајот го оцени како сериозен облик на интернет криминал и најави правна постапка против одговорните. Ова ви е класичен интернет криминал. И затоа адвокатите веќе работат, и наскоро ќе ги дознаеме овие бесчувствителни, криминогени суштества кои профитираат од туѓата мака“, порача тој. На крајот, испрати и директна порака до сторителите: Ви доаѓа крајот, да знаете... И скапо ќе го платите ова.“