Измама: Не наседнувајте, комичарот Макс Амини нема закажано настап во Македонија
2026-02-10 - 13:09
За да потврдиме дека станува збор за измамничка објава, испративме официјално прашање до тимот на Макс Амини, дали комичарот ќе има настап во Македонија. Оттаму ни потврдија дека нема планирано такво нешто Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели: Бидете први што ќе го видите Макс Амини во МАКЕДОНИЈА. Листата на чекање е отворена. Макс Амини е американски комичар од иранско потекло, актер и режисер, роден во 1981 година во Тусон, Аризона (САД). Познат е по стенд-ап комедија инспирирана од иранската култура, семејството и секојдневниот живот. Настапувал на ТВ и Netflix (вкл. Heroes, Real Rob, Mind of Mencia) и има светски турнеи на англиски и персиски јазик. Станува збор за измамничка реклама која изгледа како да се појавува од официјалната Фејсбук страница на Макс Амини наменета за македонски следбеници на Фејсбук, што е видливо од коментарите под неа. Најпрво, сомнителни се буквите на текстот што ве води понатаму до „резервацијата на билети“, кои се некако чудни и отстапуваат од нормалните фонтови на Фејсбук објавите. Кога ќе стиснете на копчето „резервирај“, се бара од вас да оставите имејл адреса и телефонски број за наводно да ви испратат известување кога картите ќе бидат во продажба. Дека објавата е измамничка говори и тоа што оваа реклама не се појавува на официјалната Фејсбук страница на Макс Амини. Тука има копче за резервација на билети за секој негов настап, но начинот на резервација не е како во измамничката објава. Понатаму, на официјалната веб-страница на Макс Амини, каде што можете да се информирате за сите негови настапи, нема никаде спомнато дека тој ќе настапува во Македонија. За да го потврдиме сето ова, испративме официјално прашање до тимот на Макс Амини, дали комичарот ќе има настап во Македонија. Оттаму ни потврдија дека нема планирано такво нешто. Ви благодариме што ни се обративте! Вистински го цениме вашиот интерес да присуствувате на иден настап на Макс Амини во град во ваша близина. Иако во моментов немаме најавено никакви претстојни настани во Македонија, ве известуваме дека нашиот распоред на турнејата за 2026 година постојано се развива со додавање на нови настапи. Останете во тек со најновите информации за нашите настани и концерти со редовно посетување на нашата веб-страница MaxAmini.com. Доколку имате дополнителни прашања или ви се потребни дополнителни информации, слободно контактирајте не повторно, ни одговорија од тимот на комичарот. Поради сето ова, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина. Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар