Краделе кабли од „Железара“ па оштетиле вреден електричен кабел и направиле штета од еден милион денари
2026-03-25 - 08:34
Тројца арамии кои краделе кабли во кругот на фабриката „Железара“, биле фатени додека ги товарале во автомобилот. Крадејќи ги каблите оштетиле и вреден кабел од електрична инсталација, со што направиле штета од околу еден милион денари, соопшти обвинителството. Тројцата се соочуваат со обвинение за тешка кражба. „Во првите денови од март годинава, од кругот на фабриката „Железара“, обвинетите украле различни видови кабли вредни вкупно 196.500 денари, сопственост на правно лице од Кавадарци. При кражбата оштетиле и кабел кој бил дел од јавна електрична инсталација, вреден 800.000 денари. Кога ги натовариле каблите во автомобил и се обиделе да ги изнесат од кругот на фабриката, обвинетите биле откриени и лишени од слобода“, соопшти обвинителството. Со поднесеното обвинение јавниот обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за еден од обвинетите, додека за останатите двајца на сила се мерки на претпазливост.