TheNorthmacedoniaTime

АНАЛИЗА: Долговите на сите општини достигнаа скоро сто милиони евра

2026-02-10 - 10:48

Дел од општините на квартално ниво пријавиле значаен пораст на доспеаните, а неплатени обврски. Порталб ги рангира најзадолжените локални самоуправи и јавните комунални претпријатија Милионски долгови на општините и на комуналните претпријатија Од сите анализирани општини во државата, највисок доспеан, а неплатен долг во износ од 14.609.000 евра има Општина Гостивар. На новата „должничка листа“ на Министерството за финансии, оваа општина е рангирана на осмо место. Во однос на третиот квартал од 2025 година или за само три месеци долгот е зголемен за 2.100.000 евра. Во првите „10 најзадолжени“ е рангирана и Општина Тетово која на крајот од декември 2025 пријавила доспеани, а неплатени обврски во износ од 13.142.100 евра што е зголемување за 3.000.000 евра во период од три месеци. Според висината на долгот следува Град Скопје со пријавени неплатени обврски во износ од 5.646.000 евра, што е за околу 800.000 евра повеќе во однос на долгот пријавен на крајот од септември, лани. Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк Скопската Општина Карпош ја заврши 2025 година со доспеани, а неплатени обврски во износ од 5.053.000 евра, што е значајно зголемување за скоро 3.700.000 евра во однос на септември 2025 година, кога долгот изнесувал 1.381.000 евра. Петта најзадолжена општина е Општина Кавадарци која на крајот од минатата година пријавила неплатени обврски во износ од 4.142.000 евра. но на квартално ниво овој долг е намален за 144.000 евра. Според висината на доспеаните долгови високо котираат и јавните комунални претпријатија формирани на локално и на централно ниво. Од овој сегмент на државниот сектор, на прво место со долг во износ од 18.270.000 евра е ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, следува ЈП „Водовод“ Куманово со Ц.О.Куманово со доспеан долг од 11.737 000 евра, а на трето место е ЈСП – Скопје со пријавени неплатени обврски во износ од 9.965.400 евра Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк На крајот од 2025 година, вкупниот долг на сите општински јавни претпријатија изнесувал 108.030.000 евра и во однос на состојбата со септември, има намалување за 21.750.000 евра. На истекот од 2025 година долгот пак на јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост изнесувал 274.511.000 евра, зголемен за скоро 11.000.000 евра во однос на состојбата на крајот од третиот квартал. Во октомври 2025 година беа спроведени локални избори, по што последните два месеца од ланската година практично се менаџираат од старо-новите избрани градоначалници.

Share this post: