На видеото од објавата не е „зградата на ЦИА во Дубаи“
2026-03-07 - 14:37
Вистиномер рецензира објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал за кој се тврди дека ја прикажува зградата на ЦИА во Дубаи која изгорела по ирански воздушен напад. Зградата на ЦИА во Дубаи целосно изгоре по ирански напад, пишува во описот на видеото кое што има над 2.100 допаѓања и над 120 коментари. На видеото се гледа зграда во пламен, на снимка која е направена на дневна светлина. Откако Иран неодамна започна напади со ракети и беспилотни летала низ Блискиот Исток, вклучувајќи ги и Обединетите Арапски Емирати, насочени кон американски и сојузнички позиции, на интернет се појави ова видео со тврдење дека ја претставува моменталната ситуација. Конкретно, во објавата што ја рецензира Вистиномер, се тврди дека снимката прикажува како гори зградата на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) на САД во Дубаи, која е цел на Иран. Во виралниот клип, се чини дека висок облакодер гори, а од објектот се издигнува густ чад. Но, видеото не ја прикажува зградата на ЦИА во Дубаи како изгорела после ирански напад во 2026 година. Видеото е од 2015 година и прикажува пожар во станбена зграда во близина на Дубаи, во пристанишниот град Шарџа. Локалните медиуми на на 1 октомври 2015 година објавија дека голем пожар ја уништил кулата Ал Насер, оставајќи 250 семејства без покрив над главата. Портпаролот на ЦИА во телефонско интервју за Ројтерс изјави дека ниту еден од објектите на агенцијата не бил погоден за време на нападите врз Дубаи, пишуваат проверувачите на факти на „Ројтерс“. Проверувачите на факти на „Франспрес“ направија систематска проверка на структурата на објектите на кадри од видеото од објавата што ја рецензираме, и кадри од Гугл стрит вју од 2015 година и докажаа дека и во видеото и во приказот на Гугл има исти елементи од изгледот на кулата Насер. Извор: Агенција Франспрес Инаку седиштето на ЦИА се наоѓа во Ленгли, во американската држава Вирџинија. Исто така, слично видео како она од виралниот клип беше објавено на Јутјуб каналот The National News на 1 октомври 2015 година. Во описот се наведува дека се запалила зграда на патот „Крал Фејсал“ во Шарџа (Sharjah) и дека жителите биле евакуирани од властите. Проверувачите на факти на Њузметар обавија дека пронашле слика што се совпаѓа со визуелните елементи од виралното видео од објавата што ја рецензираме. Сликата ја пронашле во извештај на медиумот „Араб њуз“ со седиште во Ријад, Саудиска Арабија. Во извештајот се наведува дека избувнал пожар во облакодер во Шарџа, во близина на Дубаи, при што густ црн чад се издигнал на неколку ката. Во тоа време, Цивилната одбрана на Шарџа не коментираше за евентуални жртви. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензира Вистиномер е оценета како невистина. Извор: Вистиномер