TheNorthmacedoniaTime

Истата храна што ја јаделе во РЕК Битола, ја конзумирале и вработените во „Термо“ на РЕК Битола, но немале симптоми

2026-03-26 - 14:34

Во врска со здравствените тегоби кај дел од работниците од РЕК Битола, веднаш по појавата на првите симптоми кај дел од вработените во рудникот, сите лица кои се пожалиле на труење биле навремено упатени на прегледи и анализи во Клиничката болница во Битола. Раководството на РЕК Битола ги известило надлежните институции и презело превентивна мерка со затворање на мензата, сè до целосно завршување на анализите на земените мостри и утврдување на причините, соопштија денеска од АД ЕСМ и ЕСМ Молика, по масовното труење со храна што се случи неодамна во РЕК Битола. „Според досегашните информации, на преглед се јавиле вкупно 81 лице, при што најголемиот дел се со лесна клиничка слика и сите се пуштени на домашно лекување. Ова укажува дека состојбата е под контрола и се третира со соодветна сериозност. Дополнително, важно е да се напомене дека истата храна ја конзумирале и вработените во делот „Термо“ на РЕК Битола, каде што не се пријавени никакви симптоми. Во однос на затворањето на кујната, станува збор за вообичаена превентивна постапка што се применува во вакви ситуации, со цел да се обезбеди заштита на здравјето на вработените додека траат испитувањата„, се наведува во соопштението. Оттаму потсетуваат дека согласно националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на алиментарни инфекции и интоксикаци, кујната на операторот со храна е времено затворена, односно, дадена е забрана за вршење на дејност подготовка и послужување на храна од истата, се до завршување на инспекциската постапка и добивање на уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви. Мета објави дека осумдесетина лица вработени со симптоми на труење со храна, вчера побарале медицинска помош, откако јаделе топли и ладни оброци во мензата во компанијата. Како што информира директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, до овој момент има 35 физички пријави во Центарот за јавно здравје. Лицата се пожалиле на дијареа, повраќање и малку покачена телесна температура. „Бевме на терен до доцна синоќа, земавме мостри само од храната, а од работните површини и брисеви од вработените земаа колегите од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ). Со епидемиологот од Битола сме постојано во комуникација, не известуваат за состојбата. Анализите се во тек. Мострите од храна се засадени и утре очекуваме некакви првични резултати, кои ќе ни помогнат да се утврди причината за труењето. Вработените дента на мени имале лазањи и макарони со мелено месо, свински бут со натур сос, ќофте со доматен сос, пилешка супа, пире и кисело млеко“, информира Андоновска.

Share this post: