TheNorthmacedoniaTime

Ребаланс на буџетот на Скопје, ќе се гради кружен тек кај Народна банка

2026-03-12 - 12:38

Градот Скопје ќе гради нов кружен тек во близина на Народната банка, катни гаражи во Клиничкиот центар и фотоволтаици на училиштата. Средствата за овие инвестиции ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот кој денеска доби зелено светло од Советот на Скопје. Градските власти информираат дека средствата во буџетот се зголемуваат за дополнителни 166 милиони денари, наменети за нови капитални инвестиции. Со ребалансот е предвидена изградба на нов кружен тек во близина на Народната банка за да се подобри сообраќајната проточност на една од најоптоварените сообраќајни точки во градот. Паралелно, Градот Скопје ќе започне и со изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Проектот предвидува околу 500 нови паркинг места и инвестиција од околу три милиони евра, со што се очекува значително да се намали долгогодишниот проблем со паркирањето во клиничкиот комплекс. Ребалансот предвидува и инвестиции во образованието, преку поставување топлотни пумпи во училиштата со што ќе се елиминира греењето на нафта, како и поставување фотоволтаици, санација на училишни дворови и нова урбана опрема.

Share this post: