Автобусите на БРТ ќе се движат по крајните сообраќајни ленти, а не по средишното зеленило на булеварите
2026-03-27 - 13:54
Автобусите на БРТ ќе се движат по крајните сообраќајни ленти, а не по средишното зеленило на булеварите, кажа денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по средбата со проектантите на системот за брз автобуски превоз. Ѓорѓиевски нагласи дека со измената ќе се заштити водоснабдувањето на Скопје, иако претходно изјавуваше дека постојат технички решенија со кои нема да има опасност по главната водоводна цевска, која се движи под жардињерите и преку која се снабдува Скопје со чиста вода за пиење од Рашче. Ѓорѓиевски денеска најави и дека дополнително ќе се засади и ново зеленило како природна бариера меѓу БРТ коридорот по десната лента и останатиот сообраќај. Проектот предвидува изградба на две главни линии – Исток–Запад и Север–Југ, воведување на современи нископодни автобуси на CNG/хибриден погон, како и поставување на паметни станици и информативен систем за патниците. Воедно, системот ќе биде целосно интегриран со управувањето на сообраќајот во градот. По средбата, градоначалникот истакна дека со брзиот и еколошки превоз, ќе се направи исчекор кон унапредување на јавниот транспорт во Скопје. „БРТ функционира како метро на тркала со посебни, одвоени ленти, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила. Тоа значи побрз, сигурен и предвидлив превоз, значително намалување на гужвите и времето на патување, како и сериозно намалување на загадувањето“, рече Ѓорѓиевски. Средствата од заемот на Европската банка за обнова и развој, во износ од 70 милиони евра, ќе се пренесат на Град Скопје како неповратни средства и ќе се користат исклучиво за реализација на БРТ. Првиот тендер го распиша поранешниот градоначалник Петре Шилегов, но тој пропадна, а неговата наследничка Данела Арсовска не го продолжи. Градоначалникот го актуелизираше проектот, кој првично предвидуваше една линија меѓу Ѓорче Петров и Ново Лисиче, со должина од 12,81 километри, 21 автобуска постојка и 2 терминала, но и движење по траса кај средишното зеленило. Противници на оваа идеја беа активистите на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, кои апелираа да не се уништуваат 7.000 дрвја и грмушки во еден од најзагадените градови во светот и побараа за брзиот автобуски превоз да се искористи десната коловозна лента.