Стојмировска во посета на седиштата на муслиманската и бекташката заедница во Тирана
2026-03-20 - 15:13
На покана на Големиот Муфтија на Албанија, Бујар Спахиу, вршителката на работи во македонската амбасадата во Тирана, Радмила Стојмировска, оствари посета на Муслиманската заедница на Албанија по повод големиот исламски празник, Рамазан Бајрам. Исто така на покана на Светскиот водач на Бектешите, Баба Монди (Едмонд Брахимај) го посети Светскиот центар на Бектешкиот ред, што се наоѓа во Тирана, каде го честиташе големиот исламски празник, Рамазан Бајрам, на верниците од бектешката заедница. -Стојмировска ја поздрави ваквата иницијатива на поглаварите на верските заедници со која ја приближуваат нивната традиција и култура до дипломатскиот кор во Тирана, потенцирајќи дека суштинското разбирање на религиската разноликост во Албанија е важен елемент при службувањето на акредитираните дипломати, објави Македонската амбасада. Во објавата се додава дека албанското општество со децении негува култура на меѓусебно почитување, каде различните верски заедници – муслимани, православни, католици и бектеши – живеат во дух на толеранција и солидарност. – Овој модел на соживот често се посочува како пример во регионот, особено во време кога меѓурелигиското разбирање има суштинско значење за зачувување на мирот. Во тој дух, Амбасадата упатува честитки по повод празникот Рамазан Бајрам до сите верници и им посакува мир, љубов и благосостојба на сите семејства кои празнуваат денес, посакува Амбасадата.