Премиера на детската интерактивна претстава „Металковци патуваат“ во Националната опера и балет
2026-03-07 - 12:58
Денеска (7 март) од 11 часот, на малата сцена во Националната опера и балет ќе се одржи премиерата на детската интерактивна претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Втората изведба е од 13 часот, а следните на 14 март. Претставата е наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Националната опера и балет. Трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката. „‘Металковци патуваат’ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета. Проектот има јасна едукативна и културна мисија: поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин“, велат од здружението „Мак Брас“, кое го организира настанот во копродукција со НОБ.