TheNorthmacedoniaTime

Љутков до Анеке Брасинга: Добродојдовте во семејството на лауреатите на Златниот венец

2026-03-19 - 19:43

Постојат моменти кога зборовите не се доволни за да ја соберат онаа тивка, моќна сила со која еден автор, преку своето дело, успева да го помести светот, подалеку од прозаичното и поблиску до суштественото. Денес не прогласуваме лауреат. Прогласуваме сведоштво. Прогласуваме доказ дека поезијата е врвен акт на творечка храброст и дека Струшките вечери на поезијата оваа година имаат поетски глас што во полна творечка убавина ќе одекне пред светот, рече на денешната прес конференција на СВП, министерот за култура Зоран Љутков. Постојат биографии кои се пишуваат со животот и постојат биографии кои животот ги обликува како историја. Биографијата на Анеке Брасинга е токму таква. Дебитира со поезија, продолжува со есеистика, се впушта во пенливите води на прозата, а потоа, со онаа посебна возбуда кај луѓето што навистина ги сакаат зборовите, станува преведувач. Не само преведувач на текстови, туку преведувач на светови. Поезијата на Анеке Брасинга е оној простор каде јазикот престанува и започнува нешто друго. Нешто за кое зборот „стих“ е премалку. Таа пишува со онаа ретка трпеливост, речиси забранета во нашата нервозна епоха. Трпеливост на некој што знае дека вистинскиот збор не доаѓа прв, дека треба да се почека, дека тишината е исто толку важна колку и говорот. Поезијата на Анеке Брасинга ја поседува таа ретка способност: да го направи малото големо, а големото блиско и човечно. Таа е авторка што знае дека еден единствен збор, поставен со вистинска мера и тишина околу него, може да ја промени не само реченицата, туку и начинот на кој читателот го доживува светот. Во исто време, нејзиното дело е и мост , мост меѓу јазиците, меѓу културите, меѓу различните поетски традиции на Европа. Со доделувањето на „Златниот венец“ на Анеке Брасинга се зацврстува и една значајна културна врска меѓу Македонија и Холандија , врска што се гради преку литературата, преводот и заемната љубопитност на две култури што се среќаваат во просторот на поезијата. Ова признание не е само почит кон едно исклучително творештво, туку и нова можност за продлабочување на културниот дијалог меѓу нашите две земји. Тоа отвора врати за нови преводи, нови литературни средби, нови културни проекти, но и за една поширока културно-туристичка перспектива. Струга, со својата поетска традиција и со реката Дрим како вечен сведок на стиховите, може да стане место каде холандските љубители на литературата ќе го откриваат духот на македонската култура, исто како што македонските читатели преку поезијата на Брасинга ќе го чувствуваат поетскиот пејзаж на Холандија. Дами и господа, Струшките вечери на поезијата постојат во силна верба , дека зборот е свечен аргумент на убавината. Шеесет и пет години. Толку пати Струга и Македонија го отворале срцето пред светот и порачале: дојдете, слушнете, останете барем толку колку што трае еден стих. И светот доаѓал. На мостовите на Дрим застанале поетски големини како Неруда, со својата страст кон животот, Јевтушенко со гневот против неправдата, Бродски со својата егзилска меланхолија, Адонис со мудроста на древниот Ориент, Ко Ун со тишината на будистичката длабочина... Имиња што се пресвртници во историјата на поезијата. Денес името на Анеке Брасинга го збогатува тој престижен пиедестал, не како додаток, туку како логично продолжение на таа низа. Струшките вечери на поезијата и Македонија, со „Златниот венец“, денес изразуваат благодарност кон авторка која целиот свој живот го прави токму она што го сметаме за наша врховна мисија: ги чува зборовите пред да исчезнат, ги преведува пред да замолчат и создава нови, пред светот да заборави дека има насушна потреба од нив. Почитувана Анеке Брасинга, Добредојдовте во семејството на лауреатите на Златниот венец. Оваа чест е ваша, но убавината на моментот е заедничка. Затоа што поезијата, дури и кога е напишана во самотија, никогаш не е само за еден. Таа е за сите нас. За оние што доаѓаат по нас. Дури и за оние што сè уште не знаат колку таа им е потребна. Ви благодариме што нè потсетувате дека тишината може да биде полна со значење, а зборот – со вечност.

Share this post: