Средношколски дијалог со претседателката: Младите мора да се вклучат во креирањето политики и одлучувањето за сегашноста
2026-03-27 - 08:14
Во организација на Советот за млади, во Кабинетот на Гордана Сиљановска-Давкова се одвиваше бурен дијалог меѓу шеесетина средношколци. Предмет на дебатата беа тешки прашања: безбедноста на младите во небезбеден свет; медиумската писменост во амбиент на информативна хиперпродукција; притисокот да се биде успешен во не секогаш рамноправен натпревар, како и односот на младите кон пушењето и марихуаната и развивањето свест и отпорност кон зависноста. Младите соговорници изразија аргументирани ставови за причините за стравот, насилството и несигурноста, начинот на справувањето со нив, како и можните излезни решенија за нивно редуцирање и надминување. Претседателката ги спореди состојбите од нејзината средношколска младост со актуелните, заклучувајќи дека младешкиот живот на нејзината генерација бил далеку побезбеден и помирен од сегашниот. Во однос на прашањето за медиумската писменост, младите укажаа на недоволната писменост кај поголем дел од постарите генерации, од една страна, но и реалната неможност да се разграничат релевантните од нерелевантните информации, како и вистината од невистината, од друга страна, во време на видеократија, информативна поплава и хаос. Речиси сите, без оглед на индивидуалните специфики на гледањата, укажаа на потребата од креирање механизми за критичка евалуација на прочитаното, виденото и чуеното, како и мудро и внимателно користење на вештачката интелигенција, со оглед на нејзините две лица: лицето на корисна алатка, но и заканата по човековата мисла. Претседателката укажа на презаситеноста на медиумскиот простор со политика и недозволиво отсуство на информации од областа на науката, културата, образованието и спортот. Младите мислители умно и отворено говореа за тешкиот притисок да се биде успешен според не секогаш кредибилни стандарди, но и непотистички, партиски и политички влијанија во евалуацијата. Во низата индивидуални видувања за цигарите и марихуаната, се чини како да се исфилтрира заеднички став дека забраните и санкциите не секогаш се добро решение, како и дека од најраните школски денови треба да се гради свест за можните последици од зависностите. Најважното за сите е дека, наместо држење лекции за иднината што ќе им припаѓа на младите, тие мора да се вклучат во креирањето политики и одлучувањето за сегашноста.