Воловите во потрага по азил, медиумите во потрага по кликови
2026-03-27 - 15:03
Кривопаланечките говеда станаа медиумски ѕвезди и во Македонија и во Бугарија. Два месеци по ред, и во февруари и во март, во речиси истиот период при крајот на месецот, овие говеда си го наоѓаат своето место во фокусот на македонските медиуми. Деновиве се ѕвезди и во соседна Бугарија. Нивната популарност го истисна на површината трендот на сензационалистичко известување засилено од алатките за генеративна вештачка интелегенција, чиј краен ефект, намерно или не, се претвора во свежа јонџа или детелина која, покрај нутритивните поволности ги заситува и потребите за хумор и забава на широките народни маси. Но, и генерира говор на омраза и анти демократски наративи. Говедата, или попрецизно воловите кои слободно се движат низ туѓите ниви, улиците и магистрални патишта во државата, сега научија и како да ја преминат границата со Бугарија. Kако што веќе известија најголем дел од медиумите, воловите, бидејќи со месеци државата не им наоѓа чаре, решиле да ги земат работите во свои копита. Сакале да пребегаат и да побараат бугарски азил, односно да влезат во Европската унија со што предизвикале пограничен инцидент. Сега, овие волови од криво паланечко, бидеќји не внимавале, навлегле во Бугарија и не се знае дали ќе куртулат. Бугарските медиуми, неколку дена претходно, со сличен интензитет се занимаваа со македонските говеда. Како извор на информацијата речиси сите го цитираат Бугарското национално радио, кое уште во вторникот, 24 март, ја објавува веста со наслов „Се решава што да се прави со говедата кои влегнаа во Бугарија од РСМ“. Уште истиот ден десетици медиуми ја пренесуваат веста со разни инвентивни наслови почнувајќи од тоа дека станува збор за меѓународен инцидент до прашањето „Ќе ги убиеме ли сега шесте невини македонски говеда?“ со поднаслов „строгите европски закони нè обврзуваат на тоа“. Други пак тамошни медиуми, не ги ословуваат говедата како македонски туку како бугарски, но, ете, ја поминале границата од Македонија кон Бугарија. Градоначалничката на Ќустендил, под чија надлежност е Ѓуешево, вели прво ќе ги испитаат говедата, потоа ќе решат што ќе прават. Сите написи на темата го споменуваат случајот со бугарската крава Пенка, која во 2018 година ја преминала бугарско-српската граница, па не можела да се врати назад поради „строгите европски закони“. Иако Пенка требало да биде усмртена, големата кампања за нејзин спас која стигна до британски The Sun и петиција која ја потпиша Пол Мекартни ѝ го спаси животот. Секако, тоа не се случи без силна анти-ЕУ кампања. Нејасно е дали за воловите од Крива Паланка ќе се покрене слична иницијатива за спас бидејќи Бугарите ќе ги стрелаат нашите македонски говеда поради строгите правила на ЕУ. Се чини дека станува збор за истите говеда кои пред еден месец беа главни ѕвезди во македонските медиуми, или во најмала рака за истото стадо. Тогаш забезекнатата јавност со широко отворени очи и подзината уста ги гледаше видеата од нивната газдарица како ја користи својата подвижност и виткост за да ја надитри Агенцијата за храна и ветеринарство и во два-три чекори заедно со лошите говеда да го искачи ридот пред преморените инспектори. View this post on Instagram A post shared by META.MK (@meta_mk) АХВ и градоначалникот на Крива Паланка, кој е од опозицискиот социјал-демократски сојуз, се скараа кој е надлежен да се справи со стотиците говеда. Според локалното население тие со години претставувале проблем бидејќи наводно неконтролирано навлегувале во нивните посеви, ниви, дворови и помошни објекти. И тогаш речиси половина од написите на оваа тема ветуваа драма, хаос и делење боксови, а исто така и изобилуваа со сексистички пораки за газдарицата посочувајќи дека била привилегирана убавица, русокоса газдарица и мисица краварка. И тогаш и сега, и покрај тоа што медиумите во насловите правеа сензација од настанот, нивната содржина речиси секогаш беше иста, односно ги пренесуваа истите информации од истиот еден извор само поинаку кажани. Под видеата, фотографиите и повите на социјалните мрежи преовледуваа коментари со говор на омраза и навреди. На крајот, се чини дека поважно од прашањето дали ќе куртулат говедата е тоа дали ќе куртулат медиумите од нагонот да жнеат кликови по секоја цена. Оти додека говедата ја минуваат државната граница барајќи посочна детелина, медиумите ги газат етичките граници без оглед на последиците. И тоа веќе не е ниту смешно, ниту безопасно.