Дипфејк видео злоупотребено за промоција на препарат за слабеење
2026-01-28 - 12:14
Учесничката во реалното шоу „Живот на вага“ ослабнала 72,5 килограми со помош на тренер и промена на исхраната, а не со некаков препарат што тајно ѝ бил даван, како што невистинито се тврди во објавата, пишува „Вистиномер“. Во продолжение ви ги пренесуваме текстот во целoст: Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал со невистинита содржина. Во објавата невистинито се тврди дека: Победничката на 8 сезона од шоуто „Живот на вага“, Алина Панцејева ја открила тајната благодарение на која ослабела 72 килограми и победила во шоуто. Видеото е создадено со дипфејк технологија и во него се тврди дека „победничката открила дека не држела диета и вежбала само пред камери, а ослабнала 72 килограми поради лек „Слимфаст“ којшто ѝ го давале тајно“. Целта на оваа манипулирана содржина којашто невистинито користи кадри и текст кој никогаш не бил официјално соопштен од никого, е да се натераат граѓаните да кликнат на врската во склоп на објавата и да го набават препаратот. Но, маркетингот за истиот е неетички, невистинит и злоупотребува кадри од емисијата „Живот на вага“ која се емитува на хрватски РТЛ. Дополнителен доказ дека се работи за невистинита монтирана содржина е и фактот што на РТЛ Хрватска не се емитуваат содржини на македонски јазик. Во објавата што ја рецензираме, пак, гласот е намонтиран да зборува на македонски јазик, но со голем број пропусти во дикцијата и изговорот карактеристични за монтажи. Самиот профил од кој се споделува видеото носи наслов „Доктор Никола Пановски“, македонски професор и лекар чиј идентитет многукратно е злоупотребуван во невистинити објави и дипфејк видеа каде се промовираат препарати со преувеличени медицински тврдења кои се невистинити. Вистиномер го пронајде делот од видеото кое е злоупотребено од Алина, учесничка во реалното шоу „Живот на вага“ овде (на 2 минута и 38 секунда). Таа дава изјава, но не зборува дека „ѝ давале Слимфаст“ за да победи на шоуто, туку зборува дека е загрижена за нејзиниот татко и го поттикнува да загуби телесна тежина. Таа ослабнала 72,5 килограми во шоуто со помош на тренер и промена на исхраната, а не со некаков препарат што тајно ѝ бил даван како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.