TheNorthmacedoniaTime

„Еј жено, храбро срце носиш“ – новата емотивна балада на Елена Велевска со моќна порака за жените

2026-03-09 - 11:38

„Еј жено надеж се гаси ко ранета срна во снегот, очајот не ти е брат – разбуди го ѕверот... Еј жено... гордо исправи се, немој за милост да молиш...“ Со овие силни стихови започнува новата емотивна балада на Елена Велевска – песна со симболичен наслов „Еј жено“, песна со моќна порака за силата, достоинството и храброста на жената, која пејачката ја објави токму на Меѓународниот ден на жената и им ја посвети на сите жени и мајки. Станува збор за моќна композиција со силна порака за достоинството, храброста и силата што секоја жена ја носи во себе. Баладата зборува за падовите, разочарувањата и борбите со кои се соочува секоја жена низ животот, но и за силата повторно да се исправи, со крената глава и со верба во себе. „Еј жено, храбро срце во градиве носиш жено... немој да дозволиш денес да не ти е денот...“ Токму таа емоција и искреност Елена маестрално ја пренесува во интерпретацијата, претставувајќи се во едно поинакво, подлабоко и посензитивно музичко светло. Новата песна носи една нова, зрела и силна Елена, со енергија што можеби навестува и нов правец во нејзината музичка кариера. Интересна е и самата приказната околу создавањето на песната. Текстот, чиј автор е Љупче Василев, е напишан пред околу пет години. Пред три години тој ѝ го покажал на Елена, а нејзината реакција била кратка и јасна – „Чувај ми го“. Песната трпеливо го чекала својот момент, сè до неодамна кога Василев повторно ја потсетил дека стиховите сè уште ја чекаат. И како што се вели „кога нешто треба да се случи, едноставно се случува“, така и оваа емотивна балада конечно го доби својот вистински момент. Музиката, аранжманот и целокупната продукција се дело на Дејан Момироски, додека видеото е реализирано во соработка со Томато продукција. „Ова е една од најпосебните песни во мојата досегашна кариера. Долго го чекаше својот момент и ете се случи. Многу е поразлична од она што досега сум го работела, но се пронајдов во неа. Како да е пишувана токму за мене“, вели Велевска, не криејќи го задоволството од финалниот производ и признавајќи оти силно верува во песната. Со „Еј жено“ Елена испраќа порака до сите жени – да бидат храбри, горди и никогаш да не дозволат животот да им ја одземе силата. А стиховите – „Еј жено љубовта умре, но нова пак ќе се роди, животот еден е – не давај да те боли...“ се само нежен, но силен потсетник дека секоја жена, без оглед на искушенијата, во себе носи сила повторно да се исправи и да продолжи напред.

Share this post: