TheNorthmacedoniaTime

Мицкоски од собраниска говорница рече дека СДСМ е „мекото ткиво на македонскиот национален идентитет“

2026-02-26 - 13:07

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на седницата за пратенички прашања во Собранието, му порача на лидерот на опозицијата Венко Филипче дека неговата влада немала да води, како што рече, „мекотелна политика“. „Вие сте мекото ткиво. Сè додека давате вакви изјави ќе имаме политичари од Бугарија кои ќе знаат дека имаме меко ткиво во македонскиот национален идентитет и ќе се обидуваат секогаш да играат на картата на помал отпор. Не можете да постигнете ништо со тоа. Ќе останете запаметен во историјата како човекот кој бил мекото ткиво од партијата која била мекото ткиво на македонскиот национален идентитет. Не ви го советувам тоа. Знаете што значи да останете запаметен во историјата, од Охрид сте, знаете точно што сакам да кажам, кој и како ги предавал моштите“, наведе Мицкоски. Филипче го праша премиерот кој е Душан Адамовиќ, зошто е поставен за конзул во Белград и дали има лична релација со него, а изнесе критики со потпрашања за барањата за зголемување на платите, забележувајќи му дека рекол оти треба да се почитуваат законите, но направил линеарно зголемување на пензиите. Упати критики и за состојбата во земјоделството, енергетиката, новиот закон за високо образование, евроинтеграциите. Мицкоски рече дека оваа Влада ги покачила пензиите и договорила раст на платите со партнерите во јавниот сектор и потенцираше дека ќе продолжи да работи во интерес и на пензионерите и на работниците. „Жал ми е што не ја научивте лекцијата и удирате повторно по групата на луѓе кои за време на транзицијата некои ваши претходници ги оставија на улица, а денеска се пензионери и голем дел од нив станаа транзициски херои, ограбувајќи го народниот имот на граѓаните, а стотици луѓе на улица како технолошки вишок и за жал пред доаѓањето на оваа влада нивните пензии беа катастрофални, а со доаѓањето на оваа влада пензиите сè уште не се во онаа кондиција онака како што заслужуваат, но колку можевме во рамки на можностите успеавме да заштедиме одредени средства и на пензионерите да им ги покачиме пензиите“, рече Мицкоски. Тој дополни дека последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната плата за минатата година е зголемена за 9,6 проценти, што, посочи, не е доволно и треба да се зголеми, но оти тоа се можностите што сега ги имаме како економија и влада во смисла на тоа да е договорено во јавниот сектор до 2028 година, до кога оваа влада има добиено мандат од граѓаните. „После тоа ќе видиме, иако еве уште сега ви кажувам дека и по 2028 година ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери ќе ја формираат следната влада, а за жал со вакви ненародни политики што ги имате и претставувате меко ткиво на македонскиот идентитет и македонската политичка сцена, со вакви мекотелни изјави и прашања што сега поставувате не гледам како ќе можете да добиете или да повратите малку од онаа супстанца што ја изгубивте кај македонските гласачи“, посочи Мицкоски.

Share this post: