Почина американскиот писател Дан Симонс, авторот на „Хиперион“
2026-03-02 - 09:17
Американскиот писател Дан Симонс (Dan Simmons), познат по својот класичен научно-фантастичен роман „Хиперион“ (Hyperion) и по богатото творештво во жанровите фантастика и хорор, почина на 21 февруари 2026 година во возраст од 77 години. Тој починал по компликации од мозочен удар во Лонгмонт, Колорадо, објави списанието Локус. Симонс бил роден на 4 април 1948 година во Пеорија, Илиноис. Пред да стане професионален писател работел како наставник во основно училиште. Потоа, има напишано повеќе од триесет романи и збирки раскази со кои често ги поместуваше границите меѓу различни литературни жанрови. Неговиот најпознат роман „Хиперион“ од 1989 година, првата книга од серијал чиј дел и „Ендимион“. Тој постави нови стандарди во светската научна фантастика, со генерациско влијание на начинот на размислување на теми како вештачка интелигенција, постхуманизам, религија, политика, љубов и саможртва. Ги има освено највисоките жанровски награди како „Хуго“ и „Локус“ за научна фантастика, како и наградата „Брам Стокер“ за хорор, односно страв и ужас. Колегите писатели и обожавателите ширум светот изразија жалење поради загубата на еден од највлијателните автори на современата фантастика, чиј дел остави длабока трага во жанрот и инспирираше цела генерација читатели. Според јавно достапните податоци, ниту едно дело на Ден Симонс не е преведено од македонските издавачи. Нашите читатели претежно се запознаваа со неговиот опус преку изданија од Србија и Хрватска.