Расте притисокот за истрага по убиството на Алекс Прети, републиканци го прозиваат Вашингтон
2026-01-26 - 12:31
Републиканскиот гувернер на Вермонт, Фил Скот, изјави дека е „неприфатливо“ американски државјани да бидат „убивани од федерални агенти“ затоа што ги користат своите уставно заштитени права на протест, пренесува Би-Би-Си Њуз. Тој е меѓу републиканските законодавци кои бараат целосна истрага за смртоносното пукање во кое загина Алекс Прети. Според него, во најдобар случај, постапките на имиграциските службеници (АЈС) претставуваат „целосен неуспех во координацијата и во прифатливите стандарди за јавна безбедност“. Тој додаде дека претседателот треба да ги запре овие операции, да ја смири ситуацијата и повторно да го насочи фокусот на федералната влада кон „вистински криминалните, нелегални имигранти“, како и дека „Конгресот и судовите мора да преземат чекори за да се врати уставноста“. Белата куќа пак, е под сè поголем притисок да отвори истрага за второто убиство во Минеаполис од страна на федерални агенти за само неколку недели. Овие повици не доаѓаат само од демократите, туку и од дел од републиканците кои бараат истрага за смртоносното пукање. Републиканската сенаторка од Алјаска, Лиза Мурковски, изјави дека е потребна „сеопфатна и независна истрага за пукањето“, за да се врати довербата. Таа истакна дека агентите на АЈС немаат „целосна слобода“ во извршувањето на своите должности. Слични повици за „темелна и непристрасна истрага“ упати и републиканскиот сенатор од Северна Каролина, Том Тилис. Тој додаде дека „секој функционер кој избрзано носи заклучоци и се обидува да ја затвори истрагата уште пред да започне, ѝ нанесува огромна штета на нацијата“. Сенаторот од Пенсилванија, Дејв Мекормик, ги повтори тие барања за целосна истрага, но истакна дека ги поддржува АЈС и неопходната работа што ја вршат, додавајќи дека „неодговорната реторика и недостатокот на соработка од политичарите во Минесота создаваат опасна ситуација“. Во меѓувреме, сенаторот од Небраска, Пит Рикетс, го опиша пукањето како „застрашувачка ситуација“ и побара „транспарентна истрага“. По смртоносното пукање во саботата во Минеаполис каде загина 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација ја „разгледува“ ситуацијата. Во разговор за „Волстрит журнал“ во неделата, тој двапати избегна директно да одговори на прашањето дали полицаецот што пукал постапил правилно. Наместо тоа, рече дека администрацијата „разгледува сè и ќе донесе заклучок“. Тој исто така изјави дека не му се допаѓа никакво пукање, но додаде дека не му се допаѓа ни кога некој оди на протест со „многу моќно, целосно наполнето оружје... ни тоа не изгледа добро“. Неговата администрација претходно го бранеше агентот што пукал во Прети, при што министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем изјави дека Прети бил застрелан затоа што „се заканувал со оружје“. Локалните власти го негираат тоа, велејќи дека оружјето било легално регистрирано и дека Прети бил застрелан дури откако огненото оружје му било одземено. Извор: Би-Би-Си Њуз