TheNorthmacedoniaTime

САД тврдат дека нема загинати или повредени Американци во операцијата „Епски бес“

2026-02-28 - 19:26

Американската војска соопшти дека досега нема пријавено загинати или повредени припадници на Соединетите Држави во операцијата „Епски бес“ (Epic Fury) против Иран при што штетата на американските објекти била минимална и не ја нарушила оперативната способност на силите, истакна Централната команда на силите на САД во официјално соопштение. Претседателот на САД, Доналд Трамп ја нарече операцијата која започна рано во саботата „најголемата регионална концентрација на американска воена моќ во една генерација“, а целта, како што тврди тој, е „демонтирање на безбедносниот апарат на иранскиот режим“ и таргетирање на клучни воени објекти вклучително командни центри, воздухопловни и ракетни позиции и воени аеродроми. Воената кампања која САД ја врши заедно со Израел предизвика интензивна реакција на Иран, од каде беа лансирани стотици ракети и беспилотни летала кон американски бази и сојузнички позиции во Блискиот Исток. Според Централната команда, и покрај „стотиците ирански напади“, не се забележани американско жртви или значајна штета на американските инсталации во регионот. Во меѓувреме, иранските државни медиуми јавуваат за бројни цивилни жртви како резултат на заедничките напади на САД и Израел. Според извештаите на иранската Црвена полумесечина, во нападите биле убиени најмалку 201 лице и повредени 747 лица во 24 од 31 провинција низ земјата. Воената операција која вклучува употреба на софистицирани ракетни системи и дронови за една употреба драстично ја зголеми тензијата на Блискиот Исток и предизвика реакции од меѓународната заедница. Некои држави повикаа на дипломатско решавање и деескалација, додека други ја осудија ескалацијата на конфликтот.

Share this post: