TheNorthmacedoniaTime

Македонски и скандинавски дизајнери со заедничка изложба за одржлива мода на Моден викенд Скопје

2026-03-09 - 14:27

Скопје кон крајот на март ќе стане точка на средба на нордиската и македонската модна сцена. Од 21 до 30 март во „Дајмонд ареа спејс“ ќе се одржи меѓународната дизајнерска резиденција „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичка приказна“. Десет дизајнери од Норвешка, Шведска, Финска, Литванија и Македонија ќе работат заедно на креации инспирирани од одржливоста – не како тренд, туку како сериозен пристап кон иднината на модата. Финалните дела ќе бидат претставени од 27 до 29 март, во рамките на Моден викенд Скопје. Од македонската сцена ќе се претстават Андреа Атанасова, Ивона Мицановска, Ева Давкова, Марија Роглева и Солза Поповска, а менторка на резиденцијата е Ирина Тошева. Организаторите велат дека идејата е едноставна – да се создаде простор за размена на искуства, идеи и нови решенија во време кога модната индустрија сè повеќе се соочува со прашањето за одговорност кон животната средина. Проектот е инициран од Амбасадата на Шведска во Скопје, во партнерство со амбасадите на Литванија, Данска, Финска и Норвешка, како и Македонското модно здружение, со поддршка од Нордискиот совет на министри. Модните дизајнери отсекогаш биле двигатели на промени. Со оваа иницијатива сакаме да поттикнеме поголема одржливост во индустријата“, изјави шведската амбасадорка Ола Сулстром. Со оваа резиденција, Скопје станува дел од поширока европска приказна за мода што размислува однапред.

Share this post: