TheNorthmacedoniaTime

Афазијата не значи намалена интелигенција, ова е е едно од најчестите недоразбирања во општеството

2026-03-30 - 09:04

На 24 април годинава Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуницјна организира специјализиран семинар посветен на протоколите за третман на афазија. Семинарот се препорачува како значаен стручен ресурс за сите логопеди кои работат во областа на нарушувањата на говорот и јазикот кај возрасни. На семинарот ќе говори д-р Тања Миловановиќ, афазилог и клинички логопед. Катерина Киранџиќ, дипломиран клинички логопед, вработена во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација-Скопје во интервју за „Република“ објаснува што е афазија, кои се причините за нејзината појава, како изгледа еден преглед, дали е возможно целосно закрепнување, кои се техниките за комуникација. Често луѓето не ја разбираат природата на афазијата и ја поврзуваат со интелектуален пад, што не е точно. Потребна е континуирана едукација на јавноста и поголема видливост на оваа состојба, воведење национален регистар за афазии, подобра поврзаноста меѓу невролошките одделенија и логопедските служби, да се зголеми бројот на обучени логопеди во јавните болници, вели Киранџиќ во интервју за „Република“ Како клинички логопед, како наједноставно би ја објасниле афазија? КИРАНЏИЌ: Афазија претставува стекнато говоро-јазично нарушување односно претставува губиток или пореметување на веќе развиениот говор и јазични структури кое е предизвикано од мозочно оштетување и може да се манифестира со потешкотии во спонтаниот говор, разбирање, именување, повторување, читање, пишување и вербално мислење. Што значи дека лицето претходно имало нормално развиена способност за комуникација, но по одреден мозочно оштетување доаѓа до нарушување во користењето и разбирањето на јазикот. Пациентот често знае што сака да каже, но не може да го формулира во соодветен збор или реченици, или пак има потешкотии да го разбере говорот на другите. Многу е важно да се потенцира дека афазијата не значи намалена интелигенција. Ова е едно од најчестите недоразбирања во општеството. Станува збор за нарушување на јазичниот код, а не на мисловниот процес. Токму затоа, афазијата често е фрустрирачка состојба за пациентот, бидејќи постои јасна свесност за сопствените потешкотии. Киранџиќ: Пациентот често знае што сака да каже, но не може да го формулира во соодветен збор или реченици, или пак има потешкотии да го разбере говорот на другите / Фото: Приватна архива Кои се најчестите невролошки причини за нејзина појава? КИРАНЏИЌ: Најчеста причина за појава на афазија е мозочниот удар, односно нарушување на крвотокот во мозокот, кое доведува до оштетување на мозочното ткиво. Особено е значајно кога се зафатени регионите во левата хемисфера, како што се фронталните и темпоралните области, кои се директно поврзани со јазичната обработка. Покрај мозочниот удар, афазија може да се јави и како последица на трауматски повреди на мозокот, кои често се резултат на сообраќајни несреќи или падови. Друг значаен фактор се туморите на мозокот. Бенигните и малигните тумори кои се локализирани во говорната област во левата хемисфера на мозокот предизвикуваат постепен развој на афазички симптоми. Исто така, невродегенеративните заболувања, како што се одредени форми на деменција или примарна прогресивна афазија, доведуваат до постепено влошување на јазичните функции. Инфекции како енцефалитис, иако поретки, можат да бидат причина за афазија. Заеднички именител кај сите овие состојби е органското оштетување на мозокот, што ја прави афазијата невролошко, а не психолошко нарушување. Кои типови на афазија најчесто ги среќавате во вашата пракса? КИРАНЏИЌ: Во клиничката пракса најчесто се среќаваат неколку класични типови на афазија, кои се разликуваат според тоа кој аспект од јазикот е најмногу засегнат. Брокината афазија, позната и како експресивна, се карактеризира со отежнато и напорно зборување. Пациентите често користат кратки, непотполни реченици и имаат тешкотии во граматичката структура, но нивното разбирање е релативно зачувано. Верникеовата афазија, се карактеризира со течен, но често неразбирлив говор. Пациентот може да зборува долго и без пауза, но користи погрешни или измислени зборови, а разбирањето е значително нарушено. Глобалната афазија е најтежок облик, каде што се нарушени сите аспекти на јазикот – и продукцијата и разбирањето. Аномичната афазија е најблага форма, но сепак значајна, бидејќи пациентите имаат изразени тешкотии во пронаоѓање на зборови, особено именки, што може да ја отежне секојдневната комуникација. Киранџиќ: Во клиничката пракса најчесто се среќаваат неколку класични типови на афазија, кои се разликуваат според тоа кој аспект од јазикот е најмногу засегнат / Фото: Приватна архива Дали се води евиденција колкумина во Македонија страдаат од афазија? КИРАНЏИЌ: Во нашата држава, за жал, не постои прецизна и централизирана евиденција за бројот на лица со афазија. Најчесто се водат статистики за мозочни удари, кои се главната причина за ова нарушување, но не секогаш се следи колкав процент од тие пациенти развиваат афазија. Овој недостаток на податоци претставува сериозен предизвик, бидејќи без јасна слика за распространетоста на состојбата е тешко да се планираат ресурси, кадар и соодветни здравствени услуги. Потребно е во иднина да се развијат системи за следење и регистри, кои ќе овозможат подобро разбирање на потребите на оваа популација. Каква е улогата на клиничкиот логопед во дијагноза и третман? КИРАНЏИЌ: Клиничкиот логопед има централна и незаменлива улога во третманот на афазијата. Нашата работа започнува со детална проценка на сите јазични функции, со цел да се утврди точниот профил на нарушувањето. Врз основа на таа проценка се поставува функционална дијагноза и се изработува индивидуален план за терапија. Терапијата не е универзална, туку се прилагодува според потребите, способностите и напредокот на пациентот. Покрај директната работа со пациентот, логопедот има и важна улога во едукацијата на семејството, бидејќи тие се дел од секојдневната комуникација. Важен котерапевт е семејството на болниот, односно еден член од семејството кој може да пружи најадекватна емоционална поддршка како и да овозможи континуитет на логопедскиот третман низ домашна програма на работа. Исто така, работата е тимска – со невролози, психолози и други стручњаци, со цел да се обезбеди сеопфатен пристап. Киранџиќ: Во нашата држава, за жал, не постои прецизна и централизирана евиденција за бројот на лица со афазија / Фото: Приватна архива Како изгледа еден првичен преглед на пациент со сомнеж за афазија? КИРАНЏИЌ: Првичниот преглед е комплексен и има за цел да даде целосна слика за состојбата на пациентот. Се започнува со земање анамнеза: име, адреса, имиња на членовите на семејството, имиња на пријателите и важните личности, години на децата, мајчин јазик, доминантна рака, занимање, хоби, музика, филмови, спорт. Покрај општите прашања, ги земаме и клиничките податоци: време на повредата, мозочниот удар или времето на првите симптоми. Потоа следи детална проценка на јазикот: се испитува разбирањето на едноставни и сложени инструкции, способноста за спонтан говор, именување предмети, повторување зборови и реченици, како и читање и пишување. Често се користат и стандартизирани тестови за пообјективна проценка. Целта не е само да се постави дијагноза, туку да се разбере како афазијата влијае врз секојдневната комуникација на пациентот. Дали закрепнувањето е целосно возможно или зависи од повеќе фактори? КИРАНЏИЌ: Закрепнувањето е индивидуален процес и зависи од повеќе фактори. Големината и локацијата на мозочното оштетување играат клучна улога, возраста на пациентот,општата здравствена состојба, претходните способности на пациентот,колку е свесен за состојбата. Многу важно е и колку рано ќе се започне логопедската терапија(логопедската терапија треба да почне штом невропсихијатарот или неврологот смета дека тоа го дозволува општата состојба на болниот), како и нејзиниот интензитет и континуитет. Поддршката од семејството и мотивацијата на пациентот исто така имаат значајно влијание. Кај некои пациенти може да се постигне значително, па дури и речиси целосно закрепнување, додека кај други остануваат трајни потешкотии. Затоа, фокусот треба да биде на подобрување на функционалната комуникација, а не само на формалната точност на говорот. Што би им препорачале на луѓе кои првпат се соочуваат со оваа состојба кај близок? КИРАНЏИЌ: Првата и најважна препорака е трпението. Афазијата е состојба која бара време, разбирање и прилагодување. Блиските треба да му дадат простор на пациентот да се изрази, без притисок и без прекинување,да го охрабруваат,д а го гледаат во лице, да зборуваат јасно, бавно и едноставно, да избегнуваат повеќе говорници во исто време. Важно е да се создаде позитивна и поддржувачка атмосфера, бидејќи емоционалната состојба значително влијае врз напредокот. Исто така, препорачливо е семејството да се информира за состојбата и да соработува со логопедот, за да научи како најефикасно да комуницира со пациентот. Кои стратегии се најдобри за комуникација? КИРАНЏИЌ: Ефективната комуникација со лице со афазија бара прилагодување. Најдобро е да се користат кратки и јасни реченици, да се зборува побавно и да се избегнува сложен јазик. Гестовите, мимиката и визуелните помагала како слики или пишани зборови можат значително да помогнат. Прашањата со избор или со одговор „да/не“ се особено корисни. Најважно е да се задржи природен и почитувачки однос, без да се третира пациентот како да не разбира. Колку технологијата денес помага? КИРАНЏИЌ: Технологијата значително ја унапредува логопедската практика. Денес постојат бројни апликации за вежбање на јазични вештини, како и комуникациски уреди кои им овозможуваат на пациентите полесно да се изразат. Онлајн терапијата исто така станува сè поприсутна, што е особено важно за лица кои немаат лесен пристап до здравствени установи. Сепак, технологијата е алатка која го надополнува, но не го заменува директниот терапевтски процес. Адвокатката Мирјана Марковска која има афазија со Катарина Киранџиќ / Фото: Приватна архива Дали има доволна свесност во општеството? КИРАНЏИЌ: Свесноста е сè уште недоволна. Често луѓето не ја разбираат природата на афазијата и ја поврзуваат со интелектуален пад, што не е точно. Ова може да доведе до социјална изолација и недоволна поддршка за лицата со афазија. Потребна е континуирана едукација на јавноста и поголема видливост на оваа состојба, воведење национален регистар за афазии, подобра поврзаноста меѓу невролошките одделенија и логопедските служби, да се зголеми бројот на обучени логопеди во јавните болници. Нашиот Центар организира специјализиран семинар на 24.04.2026 на кој ќе присуствуваат логопеди од нашата установа, бидејќи како установа се грижиме за квалитетна едукација на вработените,како и за квалитетна услуга која ја пружа нашиот Центар. Разговараше: Александра М. Бундалевска фото: Приватна архива

Share this post: