TheNorthmacedoniaTime

Најлошото допрва доаѓа: Војната на Блискиот Исток се заканува да ги вивне цените на енергенсите, златото и на се друго

2026-03-06 - 09:08

Воените дејства на Блискиот исток се во полн ек, што директно влијае на економиите на сите земји. Негативното влијание на воениот конфликт прво се рефлектираше преку раст на цените на горивата, чии цени се закануваат да екплодираат, но глобално последиците ќе се почувствуваат на сите полиња, од берзи, инвестициски текови, до одвртување на инфлациската спирала кај храната, набавката на суровини за работа, превозот. Значи негативни движења ќе се почувствуваат во секој сегмент од живеењето, не само кај нас, туку воопшто во светската економија. И економските експерти предупредуваат дека продолжувањето на конфликтот може да предизвика инфлациски бран и поскапување на енергенсите, со ефекти кои веќе се чувствуваат. Цената на нафтата „брент“ се искачи на околу 83 долари за барел, а нестабилноста околу Ормускиот теснец создава проблеми во снабдувањето. Дел од компаниите веќе ја избегнуваат оваа рута, што дополнително ја загрева глобалната економска ситуација. Моментално брент барел нафта е 83 долари што е значително повисоко од мојот очекуваниот просек пред почетокот на војната од под 60 долари просек цена за оваа година. Ова е поради воената операција во Иран од страна на САД и Израел што доведе до прекини во снабдувањето на нафта од 20% од светската залиха што токму поминува низ Ормускиот теснец. Исто така големи количини на гас се пренесуваат баш на ова место што значи дека цената на нафтата и гасот ќе оди уште повисоко ако конфликтот продолжи. Најголемиот инфлационен удар би се почувствувал токму во наредните неколку месеци до лето преку покачување на цените на горива, струја и гас во Европа и кај нас во Македонија ако конфликтот ескалира дополнително со директни удари врз нафтени објекти и нови санкции за прекин на руски и ирански извоз. Во таков случај, бензин и дизел кај нас лесно можат да скокнат 15–30% во однос на сегашните нивоа, а струјата на берзите да има пораст од околу 20-30% на €/MWh- прогнозира Дарко Симуновски, Портфолио менаџер на Лимитлес Фонд Менаџмент и крипто експерт. Во спротивно, според него, цените на нафтата би требало да се стабилизираат кон 60–65 долари брент барел до крајот на 2026, бидејќи постои голем вишок на понуда (САД, Бразил, Гвајана, Канада и нови LNG капацитети). Но, во моментов пазарот е многу нестабилен и секоја лоша вест од Блискиот исток предизвикува скок од 3–8% за еден ден – додава Симуновски. Скоро завршување на воените дејства, би донело стабилизација на цените на горивата, но тоа е тешко остварливо. Ако во краток рок завршат воените дејства во следните 2 месеци и дојде до вистинско примирје би имало брза и силна стабилизација на цените на горивата, во таков случај нафтата би можела брзо да падне дури под 60 долари брент барел бидејќи вишокот на понуда е веќе тука и администрацијата на САД не сака високи цени на нафта во лето. Брзата разрешница на конфликтот во Иран би имало позитивен ефект на пазарите но сè уште ќе бидеме во многу волатилно време и не очекувам целосна смена на трендот веднаш после прекинот на војната. Инвестициските текови би се преориентирале кон енергетика, материјали и индустрија во првите фази, но потоа енергетскиот сектор би консолидирал. Меѓутоа, инвестициските текови би биле пореметени во негативна смисла на краток рок за нафтени и гас компании затоа би имале проблеми со профитабилност, бидејќи нивната стапка за раст се планирани на 65–75 долари за брент барел. Инвестициите во обновливи извори би можеле да се забават ако цените на фосилните горива паднат премногу ниско, но би го стимулирале економскиот раст – вели Портфолио менаџерот на Лимитлес Фонд Менаџмент и крипто експертот, Дарко Симуновски. Освен нафтата, конфликтот на Блискиот Исток влијaе и врз инвестициските пазари. Сметам дека златото ќе остане во силен бул тренд и според мои прогнози цената би достигнала нови рекорди од 6000 до 6500 долари по унца до крајот на 2026 затоа што централните банки продолжуваат да купуваат, ЕТФ приливите се силни и сеуште постои стравот од покачена инфлација. Што се однесува за Биткоин после пикот од126,000 долари во 2025, и сегашната цена од 71,000 долари за многумина нови рекорди изгледаат недостижни, но сепак јас мислам дека сеуште останува во игра нов рекорд од 150,000 долари пропратена со голема волатилност, ако не се случи некоја нова криза и ако војната поскоро заврши. Доколку ги видиме новите рекорди на Биткоин тогаш и другите криптовалути ќе имаат силен раст, особено тие што имаат свои ЕТФи, но нема да има типичен “алтсезона” како што беше во 2021 година. Позитивни фактори за потенцијално нови рекорди би биле нови регулативи во САД како што е долгоочекуваниот clarity act за да донесе нови приливи на свеж капитал од институционални инвеститори и нови кратења на каматни стапки во САД – објаснува Симуновски. Генерално, Симуновски очекува 2026 да биде година на висока волатилност на финансиски пазари, геополитиката и макроекономијата ќе бидат главните двигатели на цените, а не само понудата и побарувачката. Силниот раст на цените не енергенсите делумно на краток рок може да биде ублажен преку владини мерки. Така, вчера од Владата најавија дека се подготвени да ги намалат акцизите и дел од даноците на горивата, доколку цената на нафтата нагло порасне на светските берзи. Имав средба со претставници на нафтената индустрија во државата. Разговаравме за актуелната состојба со нафтените деривати, имајќи ја предвид кризата на Блискиот Исток и глобалните предизвици во оваа индустрија. Заклучивме дека нема простор за загриженост и дека состојбата е целосно под контрола. Залихи на горива има и нафтените потреби целосно се задоволуваат. Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата и ќе реагираме во зависност од реалните потреби, информираше вчера премиерот Христијан Мицкоски Според него, Македонија нема голема зависност од природниот гас, но нафтениот сектор може да се соочи со раст на цените. Владата веќе разговарала со Министерството за финансии за можни мерки, ако дојде до поскапување. Мицкоски уверува дека безбедносната состојба во земјава е стабилна, но економските ефекти од глобалната криза може да се почувствуваат. Автор: Александрија С.Николовска

Share this post: