TheNorthmacedoniaTime

Промоција на „Антологија на античката лирика“ во издание на „Чудна шума“

2026-03-27 - 08:14

На 31 март 2026 година, во 11 часот, во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Антологија на античката лирика“ во издание на „Чудна шума“. „Антологија на античката лирика“ претставува обемен избор од песни кои се создадени во Античка Хелада и Рим, препеани од старогрчки и латински од Елена Колева, Љубинка Басотова, Даниела Тошева, Војислав Саракински, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ и Методија Тасевски. Приредувачи на делото се проф. д-р Весна Томовска, проф. д-р Даниела Тошева и проф. д-р Војислав Саракински. Промотор ќе биде проф. д-р Ратко Дуев, а ќе се обрати и деканот на филозофскиот факултет проф. д-р Оливер Бакрески. Песните се пренесени во препев, најчесто во автентичниот ритам на кој се составени старогрчките и латинските оригинали, кои биле пеени во придружба на инструменти или рецитирани, исто така, со музичка придружба. Станува збор за еден разновиден корпус во кој се опфатени речиси сите досега преведени и објавени песни од антиката на македонски јазик, кој е дополнет со нови препеви на песни пронајдени на папируси или на други медиуми, а кои не се дел од постарите изданија. Со тоа, ова издание создава целина што првпат ја обединува поетската традиција на античкиот свет. Во воведните студии и белешки за Хеленската лирика, чиј автор е Весна Томовска (со исклучок на означените делови напишани од Елена Колева), се разјаснуваат жанровите и книжевните контексти на античката лирика – елегијата, јамбографијата, меликата и хорската песна – како и нивното влијание врз подоцнежните книжевни периоди. Воведите за Хеленистичка лирика и Римска лирика се дело на Даниела Тошева, која ги разработува особеностите и развојните линии на поетските школи во доцната антика. „Античката лирика не дошла до нас како корпус зачуван во целост, туку како збир од зачувани фрагменти, често со посредство на подоцнежни автори, папирусни наоди и различни уреднички избори. Според тоа, секоја антологија е нужно и некаква интерпретација која воспоставува канон, предлага читање и ја обликува рецепцијата. Со ова издание сакавме да го прикажеме овој разнообразен материјал на македонски јазик во што е можно поконзистентен и филолошки совесен облик, водејќи сметка и за метричката, и за семантичката страна на оригиналите. Иако лирските текстови се жанровски условени и реторички обликувани, а понекогаш дури и конвенционализирани, тие сепак носат значаен белег од историскиот контекст во кој настанале. Токму преку тие поетски кодови се насетуваат општествените односи и вредносните системи на нивното време. Во таа смисла, антологијата нуди избор од безвремени стихови, но и материјал за нивна временска и општествена контекстуализација. Секако, најмногу од сѐ нѐ радува фактот што оваа антологија, освен што е жив показ на убавината на античкиот стих, претставува и сведоштво за изразната моќ и суптилната чувствителност на македонскиот јазик, во кој овие песни повторно добиваат глас“ – изјави проф. д-р Војислав Саракински, еден од приредувачите на антологијата и автор на дел од препевите. Иницијативата за овој проект дојде од Институтот за историја, иако Античката лирика како предмет се изучува на Институтот за класични студии. Тоа, всушност, укажува на една важна работа: за научната јавност античката лирика не е само „уметност на зборот“ во која уживаме и која ја дешифрираме, туку е извор преку кој се изучува историјата на еден народ, неговите закони и неговата самосвест. Исто така, оваа потреба да се направи антологија алармираше дека материјалот со кој располагавме е премногу распрскан, тежок за комуникација за оние што не се занимаваат со класична филологија. Со ова издание, за првпат, на едно место се обединуваат текстови што досега биле расфрлани низ различни извори. На тој начин, многу полесно ѝ се отвора можност на пошироката публика да се запознае со антиката и да увиди дека античката лирика не се само песни, туку и важен прозорец кон историјата, општеството и самосвеста на еден народ“, вели проф. д-р Даниела Тошева, приредувач на делото и автор на дел од препевите. Проф. д-р Ратко Дуев, како промотор и рецензент на делото, вели: Антологијата на античката лирика е дело што нè враќа кон изворот. Во неа читаме стихови од минатото во кои се опеани длабоките човекови чувства: љубовта, минливоста и ранливоста. Вредноста на ова издание е токму во тоа што ни го доближува гласот на античкиот свет на современ македонски јазик, притоа донесува и стихови што досега не биле препеани на македонски јазик. Антологијата е вистинско проширување на нашата културна меморија. Римскиот поет Овидиј верувал дека „quod temptabat scribere, versus erat“, што и да се обидел да напише, станувало стих и дека „omnia mutantur, nihil interit“, ништо не исчезнува, туку само се преобразува. Во таа преобразба денес учествуваат и приредувачите и преведувачите на ова дело, благодарение на нив, оваа поезија, стара повеќе од две илјади години, продолжува да зборува како да е напишана денес.“ Ова значајно дело е наменето за љубителите на класичната книжевност, за студентите и за секој читател кој сака да го чуе живиот глас на древните поети.

Share this post: