Петрушевски обвини за политизација на синдикалниот протест
2026-03-17 - 12:14
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција оцени дека протестот организиран од ССМ, а според него логистички поддржан од СДС, доживеал „дебакл“ и не добил поддршка од граѓаните. „Дебаклот на протестот организиран од СДС и ССМ докажа кој реално мисли и помага на граѓаните“, изјави Петрушевски, додавајќи дека станува збор за, како што рече, „очаен обид за спас на СДС и политичко профилирање на Трендафилов“. Тој тврдеше дека протестот бил организиран од кадри на СДС, облечени во синдикални маички, и дека со тоа дополнително се делегитимирал ССМ. „Ниту СДС, ниту ССМ, а уште помалку Трендафилов и неговата дружина се интересираат за работничките права. Нив ги интересираат сопствените цели и интереси“, рече Петрушевски, обвинувајќи дека работничките права биле злоупотребени за политички цели и медиумско внимание. Тој додаде дека, според него, меѓу СДС и ССМ веќе „нема разлика“, оценувајќи дека двете организации дејствуваат заеднички. Петрушевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од СДС, ќе продолжи со политики насочени кон зголемување на платите и подобрување на стандардот на граѓаните.