Епидемија на менингитис во Велика Британија, две лица починаа
2026-03-16 - 10:26
Студент на Универзитетот во Кент и ученик во граматичко училиште починаа од менингитис во епидемија што се прошири во регионот Кантербери во Велика Британија, додека уште 11 лица се хоспитализирани и се во сериозна состојба, објави денеска Скај њуз. Се проценува дека повеќето од хоспитализираните со менингитис се на возраст меѓу 18 и 21 година, а некои се студенти. Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија (УКХСА) соопшти дека контактирала со повеќе од 30.000 студенти, персонал и нивните семејства за да ги информира за ширењето на епидемијата, а на жителите на одредени студентски сместувачки блокови им е наредено да почнат да земаат антибиотици без одложување. Менингитисот е инфекција на заштитните мембрани што го опкружуваат мозокот и ‘рбетниот мозок и може да биде сериозна ако не се лекува итно. Појавата се истражува како поврзана со општествен настан во Кантербери на кој присуствувале некои од пациентите. Сите случаи на менингитис се откриени во последните два дена.